X
 20.01.2024 Живот

Како одењето со телефон в рака влијае врз телото?

Дали некогаш одите додека го користите вашиот мобилен телефон? Повеќето веројатно ќе одговорат потврдно на ова прашање. Но, дали некогаш сте се запрашале како одењето со мобилен телефон в рака влијае врз вашето одење и врз телото?

Ова е токму прашањето со кое се занимаваа истражувачите од Универзитетот „Кампус Виен“, а она што го открија може да ве натера да ги ставите мобилните телефони в џеб, барем додека одите. Студијата е спроведена во една од најмодерните интерактивни лаборатории за анализа на одењето и човечкото движење во реално време, која е лоцирана на кампусот на универзитетот. Целта на истражувањето е да се утврди како нормалната прошетка се разликува од онаа во која човек користи паметен телефон. Се покажало дека разликата е суштинска.

Телото вклучува „безбедносен режим“

Имено, додека одиме и истовремено го користиме мобилниот телефон, брзината на одење се намалува, чекорите стануваат пошироки, а нашето тело „притиска на копчето“ за таканаречениот безбедносен режим. Поволна околност е што пошироките чекори ја намалуваат можноста за паѓање, но, од друга страна, се јавува поголемо оптоварување на надворешната страна на зглобот на коленото. На овој начин 'рскавицата и менискусот се оштетуваат со текот на годините, што може да предизвика остеоартритис.

Испитаниците оделе на специјална лента за трчање

Во истражувањето, 27 испитаници оделе на специјално направена лента за трчање пред заоблен екран од 180 степени на кој се проектирала виртуелна средина, придружена со звуци на вистинска бучава. Притоа се следеле нивните движења во тродимензионална форма во реално време и се одредувала вредноста на движењето на зглобовите и силата што се создава. Благодарение на мерните плочи во лентата по која оделе испитаниците, можело да се прочита товарот и положбата на стапалата.

Освен одење, испитаниците правеле и пресметки - првиот пат напамет, а потоа со паметен телефон. И така била забележана разликата во одењето.

Резултатите ќе се користат за развој на превентивни апликации

Овие наоди им овозможуваат на експертите од областа на физиотерапијата, спортот, исхраната и технологијата да развијат апликации, како и паметни системи и да спроведуваат основни истражувања за разни превентивни апликации.

Извор: Bug
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот