Добрите деца се оние кои покажуваат емпатија кон другите, но никој не се раѓа добар или лош и токму затоа децата треба да се учат на емпатија кон другите уште од мали нозе.
Иако некој би помислил дека тоа е логичен потег на секој родител, едно истражување спроведено врз деца, дошло до заклучок дека родителите се` повеќе внимание посветуваат кон тоа нивните деца да постигнат чувство на среќа и задоволство, отколку да се грижат за проблемите и ситуациите на другите.
За да работите на емпатијата и да воспитате добри деца, можете да ги примените овие стратегии по препорака на психологот Ричар Вајсбоурд од
Харвард.
1. Нека грижата за другите биде приоритет
Зошто?
Родителите се склони да ги учат децата дека нивната сопствена среќа и нивните постигнувања се приоритет, додека грижата за другите е споредна работа. Но децата треба да пронајдат рамнотежа помеѓу своите и туѓите потреби - без разлика дали се работи за подавање на топката во екипата, или бранење на пријател кој е малтретиран.
Како?
Децата мораат да слушнат од родителите дека е важно да се грижат за другите. Детето треба да се воспитува според високи етички принципи уште од мали нозе - да ги извршува своите задолженија, макар и тоа да не го прави секогаш среќно. На пример, пред вашето дете да ја напушти спортската екипа, групата за учење јазик или некое пријателство, потсетете го уште еднаш добро да размисли за своите обврски кон таа група и поттикнете го да ги реши проблемите наместо да се откаже.
Обидете се ова
Наместо да му кажете на детето: „Најважно е да бидеш среќен“, кажете му: „Најважно е да бидеш грижлив кон другите“.
Погрижете се вашите деца секогаш да изразуваат почит кон постарите, без оглед на тоа колку се уморни или нервозни во тој момент.
2. Овозможете им на децата да вежбаат грижливост и благодарност
Зошто?
Децата самите нема да научат да бидат грижливи, мораат да имаат можност да научат и еднакво да бидат благодарни кон луѓето кои позитивно влијаат и учествуваат во нивните животи. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои се научени да бидат благодарни имаат поголема тенденција да бидат дарежливи, да им помогнат на другите, да бидат сочувствителни и склони кон простување.
Како?
Исто како што се учи да се свири инструмент или да се тренира спорт. Со дневно повторување, со помагање на пријателите или некои други задолженија, грижата за другите станува природна работа кај децата.
Обидете се ова
Не го наградувајте детето при секој чин на помош, бидејќи тоа за нив треба да биде природно - наградете го за нешто големо и неочекувано.
Разговарајте со детето за чиновите на љубезност и нељубезност кои ги гледате на телевизија и за случаите на правда и неправда на кои присуствуваат. Нека искажувањето благодарност биде дневна рутина која секогаш и секаде ќе ја искажуваат.
3. Проширете го кругот на луѓето за кои децата ќе се грижат и ќе ги сакаат
Зошто?
Скоро сите деца се грижат за потесниот круг на семејството и блиските пријатели. Предизвик е за родителите да постигнат децата да се грижат за луѓето надвор од тој круг, на пример за новиот ученик во класот, некој кој потешко се снаоѓа во околината или некој кој не живее во нивната земја.
Како?
Децата треба да се научат да ја гледаат пошироката слика - како луѓето во својот поблизок круг, така и оние надвор од него. Ќе се научат како да чувствуваат за другите луѓе само ако успеете вие да ги научите да ги согледаат работите од различна перспектива.
Обидете се ова
Научете ги вашите деца да бидат љубезни кон сите кои ги среќаваат - од возачот во автобусот, до продавачот во продавницата. Охрабрете ги да се грижат за оние кои се слаби и ранливи.
Искористете новинарска приказна или репортажа на тв за да го поттикнете детето да размислува за врсниците кои живеат на другиот крај на светот.
4. Бидете пример и ментор
Зошто?
Децата учат за етичките доблести гледајќи ги возарасните кои ги почитуваат. Исто така, тие развиваат етички дилеми учествувајќи во дикусиите на возрасните.
Како?
Ако сте пример и ментор, тоа значи дека со своите деца треба да вежбате љубезност, искреност и грижливот. Но тоа не значи дека треба да се биде совршен цело време, баш спротивно - на децата треба да им покажуваме дека имаме мани и недостатоци.
Обидете се ова
Вклучете се во некој хуманитарен проект заедно со вашето дете. Подарете облека, храна, волонтирајте.
5. Водете ги децата во решавањето на негативните чувства
Зошто?
Често можноста за грижа кон другите е замаглена со негативни чувства како лутина, страв или завист.
Како?
Треба да ги учите децата дека е во ред да имаат вакви чувства, меѓутоа дека не се сите чувства добри во решавање на некои проблеми. На децата потребна им е вашата помош за да научат да се соочат со чувствата на продуктивен начин.
Обидете се ова
Научете ги вашите деца како да се смират во стресни ситуации, да вдишат длабоко преку носот, и да го испуштат воздухот преку устата и да избројат до 5. Вежбајте во мирни ситуации, за да ги подготвите за стресните.