X
 25.08.2024 Здравје

Настинка на 30 Целзиусови степени: Како да се разладиме, а да не се разболиме?

Настинките поради клима-уредите се сѐ почест проблем. Во овој период од годината едноставно не можеме без климатизација. Студија од 2004 година објаснува дека сѐ повеќе болести се предизвикани од неправилна употреба на климатизерите. Како посебен проблем, експертите ги наведуваат централните клима-уреди, престојувањето во просторија која е изладена, но непроветрена. Во овие услови можни се иритации на дишните органи и на очите, а многу луѓе се жалат на сува кашлица и главоболки.

Настинка на плус 30 Целзиусови степени

Здравствените проблеми предизвикани од неправилна употреба на клима-уредите се нарекуваат и „синдром на болна зграда“. Овој термин ги опишува колективните симптоми на луѓето кои поголемиот дел од денот го поминуваат во непроветрени и климатизирани простории, каде што разликата помеѓу надворешната и внатрешната температура на воздухот е поголема од 10 Целзиусови степени. Чести се главоболки, па дури и мигрена, сува кашлица, вртоглавица, гадење, проблеми со концентрацијата, замор, чувствителност на мириси.

Истражувањата покажуваат дека жителите на развиените земји поминуваат до 90 проценти од своето време во затворени простории. Лошо одржуваните клима-уреди кои не се чистат може да се наполнат со бактерии, габи кои циркулираат во просторијата. Чувствителните луѓе може да доживеат алергиски реакции, респираторни проблеми, настинки и несоница поради побучните климатизери.

Може да се појави и тешка пневмонија

Д-р Нејтан Спенс предупредува дека неодржуваните климатизери можат да предизвикаат и легионерска болест, тешка форма на воспаление на белите дробови поради инфекција со бактеријата легионела.

Експертите објаснуваат дека клима-уредите не црпат воздух од надворешната средина, што значи дека нема доволно кислород во просторијата која не е проветрена. Во овие услови микроорганизмите циркулираат слободно во просторијата, а можна е и поспаност поради недостиг на кислород. Особено опасни се централните климатизери кои се лошо одржувани. Во просториите кои не се проветруваат посилно е загадувањето на воздухот, кое е суво и студено и лесно ги надразнува очите, органите за дишење, па дури и самите бронхии, поради што на крајот може да се настине.

Соба со недоволно кислород и многу прашина

Ако филтрите на климатизерите не се чистат и одржуваат, може да се појават микроорганизми, стафилококи, мувла и габи. Кога клима-уредот работи во затворена просторија, од предметите и од подот се крева прашина, а истовремено нема доволно кислород, што се услови за развој на микроорганизми.

Затоа се препорачува просторијата редовно да се чисти пред да ја вклучите климата. Настинките и инфекциите може да се спречат со редовно проветрување на просторијата каде што работи клима-уредот. Експертите наведуваат дека е доволно да се создаде провев неколку пати, неколку минути во текот на денот. Ако имаме сува кашлица и иритирано грло, треба да пиеме доволно вода за да избегнеме дехидрација и развој на дополнителни компликации.

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје