X
 20.02.2020 Живот

Аукција на годината: ДНК на светски познатите лидери на продажба

Анонимна организација тврди дека зела ДНК-примероци од неколку светски лидери и познати личности кои присуствувале на Светскиот економски форум во 2018 година во Давос и е подготвена да ги продаде на аукција.

Групата „Ернест проџект“ тврди дека зела предмети и отпадоци што ВИП-гостите на големиот собир во Швајцарија ги оставиле зад себе, а на нив се наоѓаат траги од нивниот генски материјал. На листата се наоѓаат американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон, германската канцеларка Ангела Меркел, финансиерот Џорџ Сорос и популарниот пејач Елтон Џон.

Таканаречената „Колекција Давос“, која содржи салфетки, хартиени чаши, гумички за коса и виљушки, е сортирана и проценета. Цената варира од 1.200 долари за човечка коса до 65.000 долари за чаша вино, меѓутоа, во каталогот не се наведува кој предмет чии генски траги носи.

Аукцијата за предметите беше закажана за 20 февруари во Њујорк, но се одложи поради нерешени правни прашања, истакнаа организаторите.

Не може да се потврди дали овие предмети имаат ДНК-траги од најголемите политичари и познати ѕвезди и дали со сигурност аукцијата е вистинска или некој вид перформанс за да се привлече внимание кон проблемот со чувствителноста на податоците.

Според тврдењата на „Ернест проџект“, главната цел е покренување на свеста за „капитализмот на контрола“ бидејќи технолошките конгломерати можат да ги соберат најосетливите податоци за корисниците. Организацијата е загрижена дека корпорациите можат да ги злоупотребат генските податоци што откриваат информации за која било човечка болест, потекло или односи и можат да бидат искористени за уцена. Целта на аукцијата е да се поттикне елитата да дејствува.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот