X
 28.03.2023 Наука

ДНК од косата на Бетовен открива изненадување, речиси 200 години подоцна

Еден бурен понеделник во март 1827 година, починал германскиот композитор Лудвиг ван Бетовен, по долготрајно боледување. Бетовен лежел неподвижен во креветот од претходниот Божиќ, откако фатил жолтица, со отечени екстремитети и отечен стомак, така што секој здив значел борба.

Додека неговите соработници му ги средувале личните работи, откриле документ што Бетовен го напишал 25 години претходно: тестамент во кој ги молел неговите браќа да ѝ дадат детали на јавноста за неговата состојба.

Денес, не е тајна дека еден од најголемите музичари во светот бил глув до неговата 40-та година. Токму оваа трагична иронија Бетовен сакал светот да ја разбере, не само од лична, туку и од медицинска перспектива.

Композиторот го надживеал својот доктор, но по речиси два века од неговата смрт истражувачи се обиделе да му ја исполнат желбата од тестаментот - со генетска анализа на ДНК од неговата коса.

- Нашата примарна цел беше да ги расветлиме здравствените проблеми на Бетовен, кои вклучуваат прогресивно губење на слухот почнувајќи од неговата 20-та година и доведувајќи до тоа да биде функционално глув до 1818 година - вели биохемичарот Јоханес Краузе од институтот „Макс Планк“ во Германија.

Примарната причина за губењето на слухот никогаш не била позната, а не можел да ја открие ниту неговиот личен лекар, д-р Јохан Адам Шмит. Она што започнало како тинитус во неговите 20-ти години, полека предизвикувало намалена толеранција за врева и на крајот губење на слухот на повисоките тонови, што всушност значело крај на неговата кариера како изведувач.

За музичар, ова е навистина голема иронија. Во писмото упатено до неговите браќа, Бетовен признал дека бил многу погоден, до степен да размислува за самоубиство.

betoven
Фото: Wikipedia

Но, тој не се соочил само со овој здравствен предизвик. Од 22-годишна возраст страдал и од силни болки во стомакот и хронични напади на дијареја.

Шест години пред неговата смрт се појавиле првите индикации за заболување на црниот дроб, болест за која се смета дека делумно била одговорна за неговата смрт на релативно млада возраст, 56 години.

Во 2007 година форензичката истрага од прамен од коса на Бетовен посочувала дека труење со олово би можело да ја забрза неговата смрт, иако не било одговорно за симптомите што му го одзеле животот. Со оглед на културата на пиење од оловни садови и медицински третмани од тоа време, каде што била вклучена употреба на олово, ова не е изненадување.

Но, најновото истражување ја побива таа теорија откривајќи дека косата никогаш не потекнувала од Бетовен, туку од непозната жена. Сепак, неколку прамени коса за кои се верува дека е поверојатно да се од главата на композиторот покажуваат дека неговата смрт веројатно била резултат на инфекција со хепатит Б, влошена од неговото пиење и многубројните ризик-фактори за заболување на црниот дроб.

- Не можевме да најдеме дефинитивна причина за глувоста или гастроинтестиналните проблеми на Бетовен - вели Краузе.

На некој начин, истражувањето отвора повеќе прашања за животот и смртта на познатиот композитор. Каде се заразил со хепатит? Како прамен од женска коса со векови се сметал дека е на Бетовен? И што се крие зад неговите стомачни болки и губењето на слухот?

Со оглед на тоа што тимот бил инспириран од желбата на Бетовен светот да го разбере неговото губење на слухот, станува збор за несреќен исход, иако имало уште едно изненадување кое „лежело“ закопано меѓу неговите гени.

Понатамошното истражување кое го споредило хромозомот Y во примероците на косата со оние на современите роднини на Бетовен по таткова линија укажува на несовпаѓање. Се чини дека во претходните генерации имало вонбрачни „излети“.

- Ова откритие покажува дека се случил вонбрачен настан помеѓу зачнувањето на Хендрик ван Бетовен во Кампенхаут, Белгија, околу 1572 година, и зачнувањето на Лудвиг ван Бетовен седум генерации подоцна, во 1770 година, во Бон, Германија. Тоа би значело дека композиторот не бил „легитимен Бетовен“ - вели Тристан Бег, биолошки антрополог на Универзитетот во Кембриџ.

Ова сознание ги поттикна научниците да земат предвид дека можеби постои генетска основа за губење на слухот кај композиторот.

Извор: Science Alert
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука