X
 20.02.2023 Наша тема

Од суицидни мисли до љубовни проблеми, психолошкото советувалиште при УКЛО пет години им помага на студентите

Една третина од студентите имале изразена анксиозност и депресија и исто толкав број ниска психолошка отпорност за време на пандемијата на ковид-19, покажа истражувањето спроведено во рамките на Психолошко советувалиште на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола, кое е прво од ваков тип во земјава.

Оттаму соопштуваат дека уште позагрижувачки се податоците до кои дошле во тоа време - дека секој втор студент од опфатениот примерок покажувал знаци на трауматизација. Воедно, алармантен бил порастот на суицидни мисли кај студентите, кои се јавувале кај еден од петмина. Околу 6 проценти од студентите речиси секој ден помислувале на смрт или на самоповредување (истражување Ристевска-Димитровска, Батиќ, 2020).

Превентивна работа за да се спречат проблеми со менталното здравје


Психолошкото советувалиште при УКЛО, заклучно со оваа година, слави пет години постоење, што само по себе е потврда за неговата неопходност и успешност при работата. Се спроведува на Факултет за безбедност во Скопје и Високата медицинска школа во Битола. На двете институции има професори од полето на психологијата и психијатријата.

Советувалиштето првпат почна со работа во академската 2018/2019 година со цел да им дава помош на студентите во совладување на тешкотиите за снаоѓање во средината во која живеат и дејствуваат, тешкотии во семејството, факултетот и општеството, но и во успешното остварување на емоционалните и социјалните односи, сопствената индивидуалност и самостојност.


Христина Митаноска

- Најчестите проблеми за кои се обраќаат младите се љубовни, потоа односите со родителите, меѓучовечките односи, анксиозност, депресивно расположение. Она што ми остави впечаток при групните работилници е што студентите во некој период од својот живот доживеале траума на која не се работело, не посетиле психолог, психијатар. Некои од овие трауми влијаат врз нивниот живот сега. Ова само потврдува дека е мошне важно со младите да се работи превентивно за да се спречат понатамошни проблеми со менталното здравје - вели Христина Митаноска, студент на Факултетот за безбедност, уредник и администратор на официјалните страници на психолошкото советувалиште.

Експерти по психологија и психијатрија ги советуваат студентите


Од самиот почеток, студентите ги советуваат проф. д-р Драгана Батиќ при Факултетот за безбедност - Скопје и проф. д-р Гордана Ристевска-Димитровска од Високата медицинска школа во Битола. Професорката Батиќ е доктор по психолошки науки, се занимава со клиничка, криминалистичка и психологија на стресот. Автор е на четири книги и над 50 научни и стручни трудови. Има посебна лиценца за вршење психотерапија. Професорката Ристевска-Димитровска е доктор по клиничка медицина, а на Високата медицинска школа предава предмети од областа на психологијата, психијатријата, фармакологијата и сестринството. Има објавено над 30 стручни и научни трудови во списанија и презентирани на конференции.

- На Високата медицинска школа, проф. д-р Гордана Ристевска-Димитровска, која е психијатар, интервенира и во случаи на посериозни психички растројства, како што е: генерализирано-анксиозно, панично растројство, депресија, биполарно растројство и анорексија, нервоза со депресивност. Дополнително, студенти индивидуално имаат побарано и добиено советување за справување со анксиозност, за тешкотии во приспособувањето по малигна или тешка болест кај родителите, загуба на родител, раскинување на значајна врска - додава Митановска.


Проф. д-р Гордана Ристевска-Димитровска

Советувањето се изведува со физичко присуство и онлајн, индивидуално и во групи. На Факултетот за безбедност работата се одвива преку одржување групни психо-едукативни работилници во траење од 1,5 час, на кои присуствуваат по 10-15 студенти. Се одржуваат по две работилници неделно со по две групи. На психо-едукативните работилници се разговара за темите кои се актуелни за младите: емоции и емоционални реакции, стрес и соочување со него, разрешување конфликти и асертивна комуникација, партнерски односи и превенција од партнерско насилство, развивање самопочит, животни стилови: оптимизам-песимизам, превенција на злоупотреба на психоактивни супстанции и друго.

Студенти волонтерски помагаат во советувалиштето


Студентите волонтираат во работата на советувалиштето, со преводи од странски јазици на содржини од областа на менталното здравје, како и со оформување и водење на фејсбук и инстаграм-страницата „Психолошко советувалиште - УКЛО“. Во изминатиот период бројот на следбеници на фејсбук-страницата се зголеми за 68% по месец, а просечно има околу 2.300 луѓе. Оваа активност придонесува за сензибилизирање на темите на заштитата на менталното здравје.

Во државава сѐ уште не постојат психолошки советувалишта за млади, освен во класичните психијатриски установи и во приватната психолошка практика. Студентите велат дека и едното и другото не е погодно за проблемите на младите, кои најчесто се развојни и главно не бараат специфична психијатриска поддршка, а во приватните психолошки советувалишта услугата се наплаќа. На младите, како ранлива категорија на граѓани, неопходно им е бесплатно психолошко советување. Во последно време имаат и голем број студенти од другите универзитети кои дознале за работата на советувалиштето.


Проф. д-р Драгана Батиќ

- Би сакале нашата идеја за подигнување на свесноста за важноста на менталното здравје да допре до што е можно поголем број млади, како и генерално кон целата наша популација. Во таа насока, преку неделните постови што ги објавуваме на страницата на советувалиштето целиме кон омасовување и промовирање на идеите за ментална хигиена. Идеално би било кога нашата идеја би се проширила на нивото на целиот универзитет, но и на другите универзитети. Моментално интензивно работиме на тоа психолози, кои се на едукација за психотерапија, под супервизија на професорките да одржуваат советувања за нашите студенти на сите единици на универзитетот (Прилеп, Битола, Охрид, Кичево). Тоа би било револуционерно имајќи го предвид фактот што денес професорките имаат полни раце работа, а заинтересираноста станува сѐ поголема и поголема - велат од советувалиштето.



Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема