Бунгаловите што пловат на вода минатата година беа најчест избор на туристите што ги посетуваа Малдивите. Но, ова туристичко место годинава добива нова атракција.
До крајот на оваа година на островот Рангали ќе биде отворена првата
подводна вила во светот. Резиденцијата ќе се вика „Мурака“, што на јазикот на мештаните наречен дивехи значи „корал“.
(
Фото: Pexels)
Објектот што е дизајниран целосно да се вклопува во подводното опкружување ќе им овозможи на гостите да бидат дел од подводниот свет.
„Водени од инспирација, со намера на туристите да им овозможиме иновативни искуства, првата подводна резиденција на светот на гостите ќе им обезбеди можност да ги истражат Малдивите од една нова перспектива под површината на морето“, истакна директорот на компанијата „Краун“, главниот архитект и дизајнер на „Мурака“, Ахмед Салим.
Објектот се состои од две нивоа, едното над морската површина, а другото под морето. Подводното ниво е опремено со соба за спиење со голем кревет, дневен престој, бања и спирални скали што водат до горното ниво.
На горниот кат има две двокреветни соби, бања, вежбалница, соба за послугата, приватни безбедносни простории, заеднички дневен престој, кујна, бар, трпезарија и откриена платформа од каде што ќе можат да го набљудуваат залезот на сонцето.
Вилата има капацитет за девет гости.