X
 20.04.2022 Наша тема

Јодот не е безопасен и не треба да се зема на своја рака, вели професор д-р Даниела Миладинова

Македонија е меѓу 12. земји во светот што го решија проблемот со дефицит на јод. Тој се компензира преку јодирана сол. Во САД тоа се компензира преку лебот, но ние веројатно јадеме многу леб, па би биле предозирани, затоа кај нас се јодира солта, вели таа


Проф. д-р Даниела Миладинова, раководител на Институтот за патофиза и нуклеарна медицина, за Факултети.мк објаснува кој и кога треба да земе калиум јодид во случај на зголемена радијација при евентуален инцидент во нуклеарни централи, како Македонија го решила проблемот со јоден дефицит и кога луѓето да побараат лекарска помош за проблеми со штитната жлезда.

По случувањата во Украина и стравувања од радијација од нуклеарните централи, дел од луѓето почнаа да набавуваат калиум јодид. Колку овој лек може да им помогне во случај на таков инцидент?

- Ова и претходно се случуваше при инцидентот во нуклеарната централа во Чернобил, кога радијацијата имаше влијание врз тие што живееја во Украина и во Русија, но ние сме премногу далеку за да биде нешто сериозно. Единствено што има медицински докази за радијациони ефекти, за ефекти од јонизирачко зрачење и појава на радијациона болест, прв таков случај во поранешна Југославија е од 1958 година во Винча кога се случил инцидент и луѓето со хеликоптери биле носени во Париз, Франција, на лекување. Во тоа време биле преземени сите потребни мерки и починал само еден заболен. Воедно, првите трансплантации на коскена срцевина кај луѓето се направени токму тогаш, во 1958 година. Тоа е првиот случај со радијациона болест по нуклеарните бомби во Хирошима и Нагасаки во Јапонија. Кога се случил инцидентот во Чернобил, она што е докажано и што го има во литературата е дека се зголемил бројот на карциноми на тироидна жлезда, и тоа кај деца во Украина и во Белорусија, а не во цела Европа или кај нас. Тогаш имало покачена радиоактивност, но мереле, на пример, колку има во млекото пред да излезе за продажба и немало толкава количина на радиоактивност што ќе предизвика несакани ефекти.



За случувањата денес во еден дел во Запорожје, директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија кажа дека нема зголемена радијација. Инаку, калиум јодидот помага. Она што се случило во Чернобил било на следниов начин - се ослободува радиоактивен јод 131 кој влегува во организмот, влегува во тироидната жлезда, ја озрачува и предизвикува трансформации, карцином на тироидна жлезда кај млад организам, кај децата. Најосетливи се клетките што се во раст и развој, и калиум јодидот помага бидејќи тој стабилен јод му конкурира на радиоактивниот и тие се во една компетиција, ако дадеме стабилен, нема да влезе радиоактивен, тоа е докажан ефект. Ние го користиме во нуклеарната медицина во дијагностиката. Во такви случаи би помогнал кај деца, кај тинејџери и кај млади до 20 години. Помага и кај луѓе на возраст од 20 до 40 години според информациите од Европската тироидна асоцијација од март годинава и се препорачува сите луѓе што живеат околу нуклеарните централи да имаат калиум јодид, но со точно определена доза што треба да се дава. Тоа е: кај бебиња 6 милиграми, кај деца до три години 32 милиграми, кај деца од 6 до 12 години 65 милиграми, а кај постари од 12 години 130 милиграми.

Јодот се дава само при зголемено ниво на радијација

Дали и кога смеат да го користат луѓето и дали треба сами да набавуваат јод, без препорака од лекар?

- Сами не треба ништо да земаат и примаат бидејќи внесувањето јод во поголеми количини може да има штетни ефекти и тоа го потврдува и Европската асоцијација за нуклеарна медицина, со оглед на тоа дека и во другите земји се поставува истото прашање и истиот страв се шири кај населението. Ставот е никако да не се дава додека не се дадат препораки, а тие ќе се дадат кога ќе биде докажано зголемено ниво на радијација. Сите тие земји имаат можност, а имаме и ние, за контрола на радијацијата. Има лабораторија за радиоекологија при Институтот за јавно здравје, така што сите тие промени во атмосферата и во средината ќе се регистрираат.



Македонија важи за подрачје во кое има дефицит на јод, кој се прима преку исхраната. Доволно ли е тоа за да се надоместат потребите за јод?

- Оваа институција направила многу истражувања за јодот. Македонија е јод-дефицитарно подрачје и последните триесет години правени се многу студии, многу научноистражувачки проекти со кои се проценува учеството на јодот, дали сѐ уште во Македонија постои јоден дефицит, дали е тој соодветно компензиран. Јодниот дефицит се компензира преку јодирана сол. Во САД се компензира преку леб, но ние веројатно јадеме многу леб, па би биле предозирани, затоа кај нас се јодира солта. Постои законска регулатива со која секоја сол што се увезува во Македонија се контролира - Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот здравствен санитарен инспекторат - сите се вклучени во контролата на јодирана сол. Можеме да кажеме дека сме меѓу 12. земји што постигнаа одржлив јоден суфицит во денешно време, тука се САД, Канада, Норвешка, Шведска, Финска, Швајцарија, Австрија, Бутан, Перу, Панама, Јапонија и Македонија. Јоден суфицит за една земја значи дека во тие земји веќе нема јоден дефицит. Првото испитување било 1994 година и сме се увериле дека нема доволно јод и сме рекле не 10 милиграми, туку 20 милиграми калиум јодид треба да се додаваат во солта. Дали тоа е одржливо, дали се зголемува и дали тоа покачено количество на јод во солта успеало да го реши тој проблем, покажуваат одредени испитувања. Сме ги мереле ехографски тироидните жлезди на децата бидејќи секогаш децата се испитуваат, тие се во раст и кај нив најдобро се забележува тој јоден дефицит, а и преку одредување јод во урина. Со тие дополнителни студии се мерело што сме направиле. Во 2015 година бевме дел од големиот мултинационален проект „Еуро тирод“, тоа е еден од првите реализирани во нашата земја каде што се испитувал јодниот дефицит. Од тој проект доаѓа заклучокот дека сме постигнале да го ерадицираме проблемот со јодниот дефицит. И издадена е цела студија како се определува јоден дефицит кај децата, како се определува јоден статус кај бремените жени. Имаме едно поглавје што укажува што ќе се случи со организмот ако имаме и вишок јод. Дефицитот на јод прави проблеми, особено кај бремените жени кои се испитуваат, ако мајката нема доволно јод, и фетусот нема, а јодот е неопходен за нормален развој на мозокот, и жени со нагласен јоден дефицит раѓале деца со деформации. Денес тоа го нема кај нас. Полесен негативен ефект од недоволно јод е појава на струма или гуша. И ова веќе го немаме и што е најважно, тоа е нешто што се следи и се контролира согласно терапијата.



Неконтролираното користење на суплементи води до негативни ефекти

- Но, треба да се следи да не се случи да имаме јоден суфицит. Тоа би можело да се случи од неконтролирана употреба на суплементи. Многу луѓе кај нас може без проблем да купат суплементи, така што внесувајќи и по неколку суплементи, таа доза може да биде и поголема. Дневната нормална доза е 150 микрограми. Ако е над 500, тоа е веќе вишок, но не би требало да направи проблем, но доколку е над 1000 микрограми, тука веќе ќе се манифестира со негативни ефекти: така ако некој има автоимуна болест, тогаш може да се развие состојба на намалена или на покачена функција на тироидната жлезда, да се јави струма, да се јават аритмии, сите оние последици што може намалената или покачената функција на жлездата да ги донесе.

Јодот не е безопасен и не треба да се зема на своја рака. Ние имаме многу едноставна метода и на овој Институт јодниот дефицит се одредува преку мерење јод во урината. Често добиваме резултати со високи вредности, кои според мене се резултат на преголема употребна на суплементи, како и снимања со контрасти радиографски, одредени лекови (знаеме за кои лекови се работи), антисептици што содржат јод кој може да предизвикаат зголемена количина.


Проф. д-р Даниела Миладинова

Фото: приватна архива
Подготвил: Елица Бочваровска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема