X
 20.05.2020 Живот

Овие компании први ги испратија вработените дома и не се брзаат да ги вратат во канцеларија

Големите технолошки компании во САД во март ги испратија своите работници да работат од дома како што започна да се шири коронавирусот во земјата. Иако претседателот на САД, Доналд Трамп, и други политичари бараат враќање во нормала, овие технолошки гиганти, меѓу кои се „Гугл“, „Мајкрософт“, „Фејсбук“, „Амазон“ и „Твитер“ веројатно ќе бидат едни од последните компании кои ќе ги отворат канцелариите за своите вработени.

„Гугл“ и „Фејсбук“ ги известиле вработените дека сите што може да

работат од дома треба да планираат да го прават тоа до 2021. Од „Амазон“ велат дека вработените во нивните главни канцеларии ќе останат дома барем до октомври.


Фото: Pixabay

Од „Мајкрософт“ им кажале на вработените дека работата од дома ќе остане опција до крајот на октомври за повеќето, иако компанијата ќе им дозволи на некои работници да се вратат во канцелариите во фази доколку сакаат. „Мајкрософт“ очекува да ги врати вработените полека бидејќи компанијата може подобро да ѝ помогне на економијата со работа од дома отколку компаниите во другите индустрии, изјавил претседателот Бред Смит. 

Директорите во „Твитер“ им кажале на вработените дека може да работат од дома засекогаш.

Оваа ситуација покажува промени во индустријата која со децении беше позната по работните околини со заеднички кафулиња, забавни активности и отворени канцеларии кои поттикнуваат комуникација и дружење. Сите овие карактеристики имале цел да ја поттикнат соработката помеѓу вработените и да го олеснат долгото работење.

Тие, исто така, ги привлекувале новите кандидати за работа и им помагале на компаниите да ги добијат најдобрите професионалци. Меѓу другото, овие карактеристики им помогнале на технолошките компании како „Мајкрософт“, „Епл“, „Амазон“, „Алфабет“ и „Фејсбук“ да станат највредни компании во светот. Овие 5 компании заедно вработуваат речиси 1,3 милион работници, а како што покажуваат и нивните финансиски резултати, тие може да преживеат и пандемија.


Фото: Pixabay

Но, дури и овие технолошки фирми не успеале да ги задржат дома сите вработени. Вработените во складиштата на „Амазон“ продолжија да работат, додека „Фејсбук“ нуди финансиски поволности за да привлече модератори кои ќе работат од канцеларија бидејќи многу работни задачи не може да се работат од дома.

Се чини дека „Епл“ е исклучок, иако компанијата била погодена од пандемијата и принудена привремено да го стопира производството во Кина и да ги затвори продавниците. Од компанијата не коментирале за нивните планови за враќање на работниците во канцелариите. „Блумберг“ пренесуваат дека компанијата планира да започне да ги враќа работниците на работа во фази започнувајќи овој месец.


Фото: Pixabay

Сепак, пандемијата ги поттикнала компаниите да се соочат со реалноста која многумина ја знаеле со години - дека голем дел од работата може да се заврши од дома и дека вработените може да бидат исто продуктивни кога се дома, барем на краток рок. Затоа, многу експерти очекуваат плановите на големите технолошки компании да бидат копирани и од помалите технолошки фирми, па дури и компаниите од другите индустрии. Работата од дома во технолошките компании одговара затоа што многу работни обврски се завршуваат преку компјутер.

Илон Маск претставува исклучок со оглед на неговите изјави за враќањето на производството во фабриките на „Тесла“. Тој неделава отвори една фабрика на компанијата и покрај наредбите од властите фабриките да останат затворени.

За повеќето од останатите компании, работата од дома спасува животи и заштедува пари. Намалувањето на патувањата за бизнис-цели им заштедило милиони на „Мајкрософт“ овој квартал. По пандемијата, многумина очекуваат од компаниите да бидат пофлексибилни и да им дозволуваат на вработените да имаат опција за работа од дома или од канцеларија.

Автори: Рејчел Лирман и Џеј Грин
Извор: washingtonpost.com


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот