X
 20.05.2021 Живот

Дали е загрозена успешната приказна за ковид-19 на Тајван?

Откако успешно ја менаџираше пандемијата повеќе од една година, Тајван се соочува со најтешката локална епидемија досега. Властите ги затворија границите и бизнисите за да го запрат ширењето.

Тајван оваа недела ги наметнува своите најстроги ограничувања на јавниот живот од почетокот на пандемијата, по неколкудневно зголемување на бројот на случаи.

Во текот на пандемијата Тајван беше пофален како една од ретките успешни ковид-приказни во светот, со оглед на тоа што вкупниот број на случаи се задржа на стотина.

Сепак, во текот на изминатите неколку дена Тајван пријави повеќе од 900 нови случаи на ковид-19. Само во понеделникот Тајван пријави 335 нови случаи, што е рекордно високо дневно ниво. Огромното мнозинство на нови случаи е концентрирано во главниот град Тајпеј и во околниот регион на градот Нов Тајпеј.

Како се справува Тајван?


Властите сега се обидуваат да го откријат изворот на неколку кластери одговорни за високиот број на заразени. За да се ограничи ширењето, тајванската влада воведе низа нови мерки.

Минатата недела министерот за здравство на Тајван, Чен Ших-Чунг, на прес-конференција предупреди дека Тајван се соочува со сериозна ситуација и го подигна нивото на тревога во Тајпеј.

Од 15 мај сите барови, клубови и спортски сали низ Тајван се затворени и воспоставена е политика за задолжително носење маски. Ограничен е бројот на собири на отворено и на затворено.

Во вторникот Тајпеј и градот Нов Тајпеј објавија затворање на сите училишта, градинки и средни училишта во период од две недели. Исто така, неколку универзитети почнаа со онлајн-предавања, а беа повикани и голем број бизниси да им дозволат на вработените да работат од дома. Тајван ги затвори своите граници и за странски посетители без дозвола за престој во период од најмалку еден месец.

На 17 мај градоначалникот на градот Нов Тајпеј, Хоу Ју-ји, го подигна нивото на тревога во градот и предупреди дека луѓето или деловните субјекти што ќе ги прекршат протоколите ќе бидат казнети.

Што ја предизвика епидемијата на ковид-19 во Тајван?


Успехот на Тајван во ограничувањето на пандемијата го стави на петтото место на рангирањето на отпорност на „Блумберг“. Минатата година Тајван помина повеќе од 250 дена без да пријави локално пренесени случаи.

Најновата епидемија во Тајван се случи откако минатиот месец изби кластер на коронавирусот во хотел кој служел и како карантин за вработени во авиокомпанија. Хотелот ги измешал редовните посетители и вработените од компанијата и ги сместил во истата зграда.

tajvan
Фото: Freepik

Бројот на случаи за една недела брзо се зголеми од едноцифрен на трицифрен број, што ги натера здравствените власти да побараат од луѓето да не ги напуштаат своите куќи и да не патуваат.

Првичниот успех на Тајван во ограничувањето на вирусот овозможи животот во оваа земја да се врати во релативна нормалност од минатата година. Сепак, постои загриженост дека успехот на Тајван сега ќе биде поткопан поради најновата епидемија.

Чи Чунхуеи, директор на Центарот за глобално здравје при Државниот универзитет во Орегон, САД, смета дека Тајван нема искуство во справувањето со новите варијанти на вирусот. Тој смета дека тајванските власти некако ја занемариле потребата да го надградат нивното знаење што светот го откри во текот на минатата година.

- Тајван треба брзо да ги приспособи превентивните мерки. Сметам дека потегот со подигнување на нивото на предупредување е одличен - вели тој

Тајван треба да почне офанзива со вакцини


Други експерти сметаат дека како што бројот на случаи продолжува да расте во Тајван, владата треба да размисли за приспособување на стратегиите за тестирање.

Тајван почна да поставува станици за брзо тестирање во близина на некои епицентри на моменталната епидемија, а здравствените власти соопштија дека планираат да го зголемат бројот на овие локации во текот на следните неколку недели.

Џејсон Ванг, директор на Центарот за политика, резултати и превенција на Универзитетот „Стенфорд“ во САД, вели дека системот за дигитално следење контакти базиран на апликации во Тајван треба да се ажурира за да им се овозможи на луѓето што биле во контакт со вирусот полесен начин за тестирање.

- Владата треба да побара од овие луѓе да одат во карантин доколку се позитивни на тестот - вели тој.

Чи Чунхуеи од Државниот универзитет во Орегон додаде дека Тајван треба да го забрза темпото на вакцинирање, особено групите со висок ризик, во кои спаѓаат вработените во авиокомпаниите.

- Бидејќи Тајван беше толку успешен, повеќето од владините службеници и пошироката јавност не чувствуваа итност да се вакцинираат. Минатата година Тајван навистина добро се снајде со многу силна одбрана, но за да ја добијат играта, треба да започнат офанзива, а тоа е вакцинација - вели Чи.

Според официјалните бројки, Тајван досега вакцинирал само околу 1 отсто од својата популација. Приоритет се групите со висок ризик, како што се постарите лица, медицинскиот персонал и другите работници за итни случаи.

Мал број други луѓе исто така се вакцинирани преку програма за самоплаќање.

Додека вакцинациите заостануваат, Чи вели дека во текот на следните неколку недели најголем приоритет за Тајван е да воведе построги регулативи за собирање во затворени простори.

- Мислам дека повеќето Тајванци сега се воздржуваат да не одат во ресторани или шопинг-центри или да користат јавен превоз. Имам доверба во повеќето Тајванци дека можат да се држат до прописите за време на оваа пандемија - изјави тој.

Извор: Deutsche Welle
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот