X
 25.05.2020 Живот

Пет работи кои не треба да ги правите доколку сте во изолација со нарцис

Пандемијата принудува многумина да останат во домовите подолго од обично, а тоа може да претставува проблем за некои. Слушаме за приказни за семејно насилство, проблематични деца и стрес во работата од дома кој може да влијае на сите во домот. Психологот Крег Малкин има неколку совети за справување со тешките и нарцисоидни луѓе во домот за време на пандемијата. Поточно, тој вели дека не треба да се прават следните работи.

Не се изолирајте

Секогаш е важно да се задржи контактот со луѓето кои ви значат, а тоа станува уште позначајно сега. Како што посочува Малкин, изолирањето или двоењето од луѓето кои нудат поддршка може да ја зголеми анксиозноста и да поттикне депресија, дури и доколку живеете во среќно семејство. Но, доколку имате партнер кој постојано ве критикува, тоа може да биде страшно.


Фото: Pexels

Тој препорачува останување во контакт со оние кои нудат вистинска поддршка, без разлика дали тоа би било преку телефон или интернет, за да останете смирени и поврзани.

Не останувајте внатре 24/7

Секако, треба да ги следите насоките од властите, да носите маска и да ја задржите дистанцата кога околу вас има други луѓе, но ви треба и време поминато надвор од домот. Најважно, тоа време треба да биде само за вас. Останувањето дома прави да се чувствувате изолирано, но доколку имате партнер или член на семејството кој е нарцис, тоа ќе ја исцрпи вашата енергија. Одморете го нервниот систем со излегување на воздух и движење.

Не паѓајте во замка

Дури ниту пандемијата не може да ги промени нарцисите. Во затворен простор, можеби ќе сакате некако да го промените нарцисот, но Малкин советува да ја преземете контролата со тоа што нема да бидете дел од неговите/нејзините игри. Ова би требало да го правите и кога нема пандемија, но овој период е совршен за да започнете. По повеќе игнорирања, партнерот или членот на семејството ќе го изгуби интересот.


Фото: Pexels

Не го сметајте краткото подобрување за постојана промена

Секому е потребна промена во ова стресно време, па некои нарциси можеби ќе „омекнат“ за време на пандемијата. Уживајте во подобрувањето, но гледајте на него како што е: повремено добро однесување кое веројатно има цел само да ве задржи. Малкин посочува дека се потребни години за да се направи вистинска промена. Освен тоа, би можело да станува збор за уште еден трик.

Не се обидувајте да ги поправите работите

Сите се чувствуваат немоќно деновиве бидејќи многу работи не се во наша контрола. Кога сето ова ќе заврши, сите ќе се вратиме на нормалните животи, па Малкин препорачува да ги зачувате чувствата кои ги имате и да му ги дадете некому кој ќе ви ги возврати.

Многумина се обидуваат да ги поправат работите, но Малкин вели дека тоа не е добра идеа. Според него, најголемата опасност за овие луѓе е што преземаат голема одговорност и претпоставуваат дека треба да се потрудат повеќе кога проблемот е кај другото лице. Некои луѓе едноставно не сакаат и нема да учествуваат во „поправањето“.

Автор: Пег Стрип
Извор: psychologytoday.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот