Наставата ќе се одвива на бугарски јазик, но мора да обезбедат настава и на македонски јазик. Тоа, од една страна, значи и признавање на македонскиот јазик, коментира Камбовски
Владата ја усвоила одлуката за одобрение за вршење високообразовна дејност на странската високообразовна установа Великотрновски универзитет „Св. Св. Кирил и Методиј“ од Велико Трново, Република Бугарија, на територијата на нашата држава.
Академик, проф. д-р Владо Камбовски, претседател на Одборот за акредитација на високото образование, вели дека кога универзитетското раководство на Великотрновскиот универзитет „Св. Св. Кирил и Методиј“ од Велико Трново поднело елаборат до Одборот, за да може да функционира овде, биле забележани низа пропусти.
- Тие многу воопштено ги изготвуваат елаборатите за формирање единици за факултети. Им укажавме на пропусти кои се однесуваа на просторните услови, на гаранциите за покривање на трошоците ако некогаш универзитетот се затвори и слично. Но штом стигне такво барање од странски универзитет, на Владата останува да одлучи дали ќе даде согласност да почне да функционира. Во законот стои дека за секоја нова единица, мора Владата да даде согласност. И наши универзитети кога се формираат, мора да има согласност. Ако високообразовната установа е акредитирана во другата држава, во случајов Бугарија, која е и членка на Европската Унија, тогаш ние немаме големи компетенции да ја преиспитуваме таа акредитација. Не може, на пример, на „Оксфорд“ да му барате акредитација - вели професорот Камбовски.
Владо Камбовски / Фото: принтскрин, Јутјуб
Откако членовите во Одборот за акредитација укажале на пропустите, универзитетското раководство во Великотрновскиот универзитет „Св. Св. Кирил и Методиј“ ги исправило.
- Во однос на наставата, таа ќе се одвива на бугарски јазик, но мора да обезбедат настава и на македонски јазик. Тоа, од една страна, значи и признавање на македонскиот јазик - коментира Камбовски.