X
 31.05.2021 Наша тема

Агим Рушити, прв човек на Агенцијата за квалитет во високото образование, за отворањето на бугарскиот универзитет „Св.Св. Кирил и Методиј“ кај нас, за јазикот на кој ќе се учи...

Во Законот за високото образование треба да се изменат, допрецизираат, надополнуваат одредени одредби кои ќе ги дефинираат улогата, ингеренциите, одговорноста на органите на Агенцијата за квалитет во високото образование, согласно европските стандарди, вели Рушити

Агим Рушити е прв човек на Агенцијата за квалитет во високото образование, институцијата која има улога да ги одржува стандардите за квалитет, развој и унапредување во високото образование во Македонија. Дел од Агенцијата е и Одборот за акредитација на високото образование, чиј претседател, проф. д-р Владо Камбовски, неодамна ја разбранува јавноста со изјавата дека во филијалата на бугарскиот универзитет „Св. Св. Кирил и Методиј“, кој деновиве се отвори, ќе се учи на бугарски јазик.
За тоа на кој јазик ќе се учи на Великотрновскиот универзитет, за името, за тоа дали имало пропусти во документацијата, како и за тоа дали има недоречености во Законот за високо образование кога станува збор за отворање високообразовни институции, Рушити зборува во ова интервју за Факултети.мк.

Владата ѝ одобри вршење високообразовна дејност на странската високообразовна установа „Св. Св. Кирил и Методиј“ од Велико Трново, Бугарија, на територијата на нашата држава. Она што најмногу предизвика реакции беа најавите дека наставата ќе биде на бугарски јазик, а некои предмети ќе бидат и на македонски. Што предвидува Законот за високо образование во однос на јазикот на наставата и на кој јазик ќе се одвива наставата?

- Владата на седницата одржана на 18 мај донесе Одлука за одобрение за вршење високообразовна дејност на странската високообразовна установа - „Св. Св. Кирил и Методиј“ од Велико Трново на територијата на Република Северна Македонија. Одлуката е донесена врз основа на член 25 став 1 од Законот за високото образование („Службен весник на РМ“, 82/18), според кој, странска високообразовна установа, на која ѝ е признато правото да врши високообразовна дејност, односно е акредитирана за вршење високообразовна дејност во земјата во која ѝ е седиштето, врз основа на одобрение од Владата на Република Северна Македонија, по претходно мислење од Одборот за акредитација на високото образование, може на некој од светските јазици да врши високообразовна дејност на територијата на Република Северна Македонија.
Имајќи го предвид фактот дека странската високообразовна установа - Великотрновски универзитет „Св. Св. Кирил и Методиј“ е акредитирана за вршење високообразовна дејност од страна на Националната агенција за оценување и акредитација на Република Македонија и има добиено позитивно мислење од страна на Одборот за акредитација на високото образование, проследена преку Министерството за образование и наука, Владата на РСМ ја има донесено горенаведената одлука. Великотрновскиот универзитет „Св. Св. Кирил и Методиј“, наставата на територија на Република Северна Македонија ќе ја реализира на англиски јазик (јазикот е наведен на Елаборатот доставен од страна на Великотрновски универзитет „Св. Св. Кирил и Методиј“ од Велико Трново, Република Бугарија), со што се исполнува и законскиот услов наставата да се изведе на некој од светските јазици како услов да врши високообразовна дејност на територијата на Република Северна Македонија.
Според доставениот елаборат, Универзитетот „Св. Св. Кирил и Методиј“ ќе реализира три студиски програми, со предвидена квота за запишување по 20 студенти. Законот за високо образование (член 25 став 3), предвидува како следна постапка, Великотрновскиот универзитет „Св. Св. Кирил и Методиј“ кој е акредитиран за вршење на високообразовна дејност во земјата во која му е седиштето (во конкретниот случај, Република Бугарија), се запишува во Централниот регистар на Република Северна Македонија како установа и во Регистарот на високообразовни установи кои го води Министерството за образование и наука.

Ова е прв случај странска јавна високообразовна институција да отвори подружница кај нас, имаше ли пропусти во документацијата која е потребна да се одобри за да може да функционира универзитетот кај нас?

- Великотрновскиот универзитет „Св. Св. Кирил и Методиј“ од Велико Трново, Република Бугарија, при доставување Барање за вршење високообразовна дејност, како странска високообразовна установа, на територијата на Република Северна Македонија има доставено Елаборат кој опфаќа: Основен елаборат со придружна документација на македонски, бугарски и на англиски јазик, карта на високообразовната установа, банкарската гаранција, финансиски план, список на административен персонал и помошен кадар, број на студенти по студиски програми согласно нормативот за простор, предвидени активности за одржување квалитет во наставата. Апликацијата за организирање вискообразовна дејност на странска високообразовна установа, на територијата на Република Северна Македонија, до Владата на РСМ е поднесена уште пред две години. Владата на РСМ има доставено барање до Одборот за акредитација и евалуација (стариот состав) за мислење, кој имаше одредени забелешки. И новиот состав на Одборот за акредитација на високото образование, како орган на Агенција за квалитет во високото образование, се произнесе со одредени забелешки, по кои Великотрновскиот универзитет „Св. Св. Кирил и Методиј“ има постапено.



Дали странски јавен универзитет треба да има решение за почеток со работа издаден од Агенцијата за квалитет во високото образование?

- Во Законот за високото образование, како последователен чекор, по добивањето Одлука за одобрение за вршење високообразовна дејност на странска високообразовна установа од страна на Владата на РСМ, следува запишување во Централниот регистар на Република Северна Македонија како установа и во Регистарот на високообразовни установи, кој го води Министерството за образование и наука, што подразбира дека со ова се заокружува постапката.

Вие сте долго време во ресорот високо образование, бевте раководител на секторот за високо во МОН, сега и прв човек на Агенцијата за квалитет во високото образование назначен од страна на Собранието. Што е она што треба да се менува во ЗВО?

- Законот за високото образование има одредени пропусти, недоречености и нејаснотии по однос на функционирање на Агенција за квалитет во високото образование, особено во автономноста на дејствувањето на овој самостоен стручен орган. Делот на буџетот на Агенцијата е како посебен раздел во рамките на буџетот на МОН, што претставува голема пречка во реализација на предвидените цели на Агенцијата. Од друга страна, многу тековни активности што се во надлежност и самостојност на решавање и реализација од страна на Агенцијата за квалитет во високото образование, одат преку Министерството за образование и наука, што го отежнува нормалното функционирање на Агенцијата. Исто така, во Законот за високото образование треба да се изменат, допрецизираат, надополнуваат одредени одредби кои ќе ги дефинираат улогата, ингеренциите, одговорноста на органите на Агенцијата за квалитет во високото образование (на Одборот за акредитација и на Одборот за евалуација на високото образование), согласно европските стандарди кои ги применува Европското здружение за обезбедување квалитет во високото образование, чија придружна членка е и Агенцијата за квалитет во високото образование.
По однос на конкретниот случај, одобрението за вршење високообразовна дејност на странската високообразовна установа „Св. Св. Кирил и Методиј“ од Велико Трново, имајќи го предвид фактот дека во член 25 став 2 од Законот за високото образование стои дека странска високообразовна установа може да врши високообразовна дејност според условите утврдени со овој закон (значи Законот за високото образование), мора да се даде автентично толкување од Собранието на Република Северна Македонија, дали ова подразбира дека треба да се издаде и Решение за почеток со работа на студиските програми, со кое ќе се потврди фактичната состојба на тоа што е доставено во елаборатот? Ако со ова не се подразбира, тогаш, треба да се надополни Законот за високото образование кое ќе предвидува и Решение за почеток со работа на студиските програми на странската високообразовна установа.

Ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, најави дека ќе тужи ако се случи повреда на правата и посебноста на универзитетот со уписот на друга високообразовна установа со исто име. Дали е спорно името на бугарскиот универзитет?

- Мислам дека нема да има проблем бидејќи името на Великотрновсиот универзитет не е исто со она на нашиот универзитет ,,Св. Кирил и Методиј“. На бугарскиот во името двапати е содржано ,,Св.“, што е различно од името на македонскиот универзитет. Дополнително, универзитетот веќе е регистриран во матичната земја - Бугарија, овде отвора филијала, па не би требало да има проблем. Сепак, останува да се види дали ќе има правна постапка во однос на името, дали ќе се покрене процедура по легален пат, тоа е одлука на раководството на УКИМ.

Фото: Приватна архива
Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема