Великотрновскиот универзитет „Св. св. Кирил и Методиј“ од Бугарија деновиве ја официјализира филијалата во Македонија, која ќе биде со седиште во Свети Николе, во рамките на Меѓународниот славјански универзитет (МСУ). Уписите на Великотрновскиот универзитет сè уште не се почнати, но се очекува деновиве да се дефинираат условите под кои ќе се одвиваат.
Од државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје лани најавуваа правни мерки околу регистрирањето на ваква установа со истото име кај нас, а откако деновиве се регистрира овој универзитет, побаравме мислење од ректорот на УКИМ за ова прашање.
- Од неформални извори имаме сознание дека субјектот е запишан во Централниот регистар како подружница на Универзитетот од Велико Трново во Свети Николе, значи не е запишан како нов универзитет со истото име како УКИМ. Доколку во иднина дојде до некаква повреда на трговската марка, односно името и репутацијата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје или, пак, граѓаните бидат доведени до некаква заблуда, ќе поведеме соодветни постапки согласно важечките национални закони - изјави проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ.
Проф. д-р Никола Јанкуловски
Од филијалата на бугарскиот Великотрновски универзитет „Св. св. Кирил и Методиј“ во Македонија ја смируваат топката.
- Ние имаме долгорочна соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Впрочем, и „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и „Св. Кирил и Методиј“ од Велико Трново имаат договор за соработка. Идејата не е да се направи некаква забуна на брендовите бидејќи тие се целосно различни. Впрочем, името Кирил и Методиј го носат и други универзитети во други држави, но нив како високошколски установи ги определува не само името, туку и визуелниот бренд на градот и државата - изјавува м-р Борче Серафимовски, раководител на филијалата на Великотрновскиот универзитет во Македонија.
М-р Борче Серафимовски
Меѓународниот славјански универзитет и Великотрновскиот универзитет имаат заеднички проекти веќе десетина години и првата соработка била и продолжува на докторските студии. Сега, по добивањето согласност за магистерски студии, двете установи ја продолжуваат соработката и во таа област.
Великотрновскиот универзитет, како високошколска установа, доби согласност во рамките на МСУ да ги објавува магистерски програми: Англиска филологија, Регионален развој и Информатика. Сите програми се едногодишни и согласно член 25 од Законот за високо образование, ќе се одвиваат на англиски јазик.
- Првата генерација ќе биде запишана оваа година, ако се направат сите неопходни подготовки и ако се процени дека има доволно време за одвивање на процесот на обука. Според член 25 од Законот за високо образование, во висока школска странска установа на територија на РСМ предавањата мора да се вршат на еден од светските јазици, а во случајов тоа ќе биде англискиот јазик. Бидејќи магистерските програми што ќе бидат предмет на изучување се од универзално значење, учебниците ќе бидат на англиски јазик од автори од различни универзитети - додава Серафимовски.
Меѓународен славјански универзитет
Великотрновскиот универзитет е првиот бугарски универзитет кој е основан надвор од Софија, Бугарија. Основан е на ридот Света Гора (во Велико Трново) есента 1963 година.
Тој е најголемиот бугарски универзитет надвор од Софија и има развиено силна интернационална репутација и има соработка со многубројни институции во светот.
Универзитетот има девет факултети на кои се реализира настава за додипломски, последипломски и докторски студии, со капацитет за запишување на 15.000 студенти.