X
 20.06.2018 Економија

Од земјоделство до економска суперсила

Канада, која по површина е една од најголемите земји во светот, има огромни природни богатства и таа економски и технолошки се развива паралелно со јужниот сосед САД.

Од главно земјоделска земја Канада се разви во модерна економија базирана на услуги, индустрија и искористување на природните богатства како нафтата.

Денес Канада е една од десетте најголеми светски економии, а е дел и од Г-7, односно водечките индустриски земји, заедно со САД, Германија, Велика Британија, Италија, Франција и Јапонија.

Од Втората светска војна, импресивниот раст на производството, рударството и услугите ја трансформира земјата - Канада се оттргна од земјоделството и стана модерна економија базирана на индустрија и услуги.

Канада има голем сектор на нафта и природен гас - сега е трета земја на светот во докажани резерви на нафта, веднаш зад Венецуела и Саудиска Арабија и е седмиот најголем светски произведувач.

Договорот за слободна трговија меѓу Канада и САД од 1989 година и Договорот за слободна трговија од 1994 година (кој го вклучува и Мексико) драматично ја зголемија трговската и економската интеграција на САД и Канада. Овие две земји имаат трговска размена во износ поголем од 680 милијарди долари. Повеќе од три четвртини од канадското производство на стока се наменети за САД. Канада е најголемиот странски набавувач на енергија за САД, вклучувајќи ги тука нафтата, природниот гас и електричната енергија.

Канадската економија се базира на услуги, индустрија и искористување на природните ресурси. Услужните дејности вработуваат најголем дел од работната сила во подрачјата како превоз, образование, здравствена заштита, градежништво, банкарство, комуникации, малопродажба, туризам и јавен сектор. Повеќе од 75 отсто од вработените Канаѓани работат во услужните дејности.

Индустриската револуција од крајот на 19 и почетокот на 20 век доведе до силен развој на производството. Се развиваат текстилната, хемиската и месната индустрија.

Земјоделството, кое веќе не е важно како што било некогаш, присутно е во покраините Албертa, Саскачеван и Манитоба, а се базира на одгледување пченица и пченка и на сточарство.

Фото: Pixabay

Со оглед на големите природни ресурси и високо квалификуваната работна сила, Канада имаше солиден економски раст од 1993 до 2007 година.

Светската економска криза од 2007-2008 година ја втурна канадската економија во остра рецесија кон крајот на 2008 година, па во 2009 година го имаше првиот фискален дефицит по 12 години суфицит.

Канадската економија минатата година имаше солиден раст од 3 отсто, но мнозинството аналитичари предвидуваат дека оваа година растот ќе се намали на 2 отсто.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија