X
 20.07.2019 Технологија

Оукленд забранува користење на технологијата за препознавање лица

Градското собрание во Оукленд, Калифорнија, гласаше за забрана на општинското користење на технологијата за препознавање лица во границите на овој град.

Така, Оукланд стана третиот град во САД кој ја забрани оваа алатка за високо-технолошко набљудување. Сан Франциско, Калифорнија, го забрани препознавањето лица во мај, а Самервил, Масачусетс, во јуни. Тоа е тренд кој покажува дека на луѓето во Силициумската долина им е сè понеугодно со морничавата технологија развиена токму во нивното соседство.

Ребека Каплан, претседател на градското собрание на Оукленд, истакна дека технологијата не е ни доволно софистицирана, ниту соодветно регулирана за да биде ставена во рацете на полицијата и на други агенции. Таа рече и дека технологијата била користена за да се таргетираат малолетници и други ранливи популации.

Полицијата се спротивстави на предложената забрана барајќи поблага верзија која би дозволила одредена примена на технологијата. Но, градското собрание продолжи со оригиналната, порестриктивна верзија.

Технички, конечното гласање е закажано за 17 септември, но со оглед на тоа дека првото гласање беше едногласно, изгледа дека целосната забрана ќе стапи во сила.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија