X
 20.07.2020 Колумни

Колумна: Септември vs септември

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште


Последното тримесечје од учебната година зад нас го извади на површина форматот кој на сите нас, вклучени со својата улога на чинител во воспитно-образовниот процес, ни покажа пред каков предизвик реално се исправивме и колку навистина бевме подготвени за него – пред сѐ ние наставниците, нашите ученици и, секако, нивните родители.


Годината заврши во облик кој умееме сега, после сѐ, да го наречеме „каков-таков“ давајќи му примеси на здив на олеснување што конечно заврши, реално свесни дека ги знаеме пропустите, добрите страни и она најважното, ефектот од онлајн-наставата врз учениците. Без оглед на тоа дали се ставаме во улога на креатори-апологети кои инсистираат на ставот дека сѐ беше беспрекорно и изводливо (поаѓајќи од видикот од сопствениот прозорец, од кој тешкотиите на другите не се здогледуваат), во улога на напаѓачи-реализатори за кои само она што се дефинира како негативен ефект е видливо (поаѓајќи од личните тешкотии од кои можноста да се успее исто така не е здогледлива) или, пак, во улога на реално одмерен чинител-реализатор кој имал проблеми и ги посочува токму со тоа име, притоа дефинирајќи што е она што успева да исплива на површина макар и како редок позитивен ефект, а може да се искористи како дел од градбата на онлајн-фундаментот за наредната учебна година. Генерално земено, кога ќе се сумираат сите аспекти, сепак преовладува фактот дека тешкотиите беа посилни и дека како систем на заедничко содејство бевме комплетно неподготвени за овој предизвик, со кој светот поодамна успешно се соочува.

Нејсе.
Проблемот кој произлегува од и досега различните ставови, сега на 40-ина дена до новиот септември се дефинира како исклучително важен аспект, на кој во овој кус период до новиот старт мора многу сериозно да се поработи. Мораше и досега.




Сосема е друго прашањето зошто изостанува сериозноста во пристапите – но за тоа во некоја друга пригода. Што се направи и што се случува периодов во кој поради миризбата на блискиот нов почеток, секој ден е важен? Ќе се обидам да се задржам на активностите на трите најважни чинители – МОН, наставниците и родителите, затоа што од нивните ставови и степенот на усогласеноста ќе зависи како ќе стартува новиот септември:

1. МОН изработи Концепција за развивање систем за образование од далечина во основните и средните училишта во Република С. Македонија, заедно со Акциониот план за реализација на конкретни активности. Упати повик до сите засегнати страни (даватели и корисници на услуги во образовниот сектор) - директори, наставници, родители и ученици да се вклучат во истражувањето за да ги сумира сите релевантни искуства и за да го процени севкупното влијание на пандемијата Ковид-19 врз образовниот процес во земјата.

2. Наставниците се поделија на два табора: Едниот е многу гласен околу заложбата за враќање на учениците во клупите, оти училницата е единственото место каде што се учи и научува. Другиот е еднакво многу гласен околу заложбата за продолжување со онлајн-наставата, оти короната сѐ уште е присутна, од есен се најавува и можноста од нов бран, а опасноста е реално голема и мошне загрижувачка.

3. Родителите направија обид за покренување иницијатива за изнаоѓање решение што ќе се случува со децата од есен. И тие се поделија во два табора: Едниот бара враќање на децата во клупите оти таму им е местото. Другиот е исплашен од состојбата и стои на ставот дека наставата треба да продолжи како онлајн-активност.

Што може да се заклучи од ваквите состојби? Пред сѐ, сите наведени чинители ги врзува реалната неподготвеност навистина да се согледа она што во моментов е акутно и со самото тоа треба да го има статусот на најважното: животозагрозувачката состојба во која се наоѓаме, а поради која, според мене, нема потреба ниту да се дебатира како од септември (тоа е сепак мој став). Секако, ќе образложам подолу зошто мислам така и оставам простор да не се сложиме, се разбира. Исто така, она што најмногу ги врзува родителите и наставниците и на некој начин и објаснува зошто нештата не носат до решенија е лесното заземање спротивставени страни, бранењето на ставовите секој од својот ров на чудно агресивен начин (ги следам нивните однесувања на социјалните мрежи, каде што се отворени многу страници за дискусија и размена на ставови. Паѓа в очи дека во основа не постои размена на ставови затоа што ако ставот е спротивен од оној на кој се инсистира, родителот или наставникот едноставно се исфрла од групата, етикетиран како несоодветен за дискусија). Секако, најважното кај сите е изостанувањето на желбата и способноста за прифаќање на смислата на секое барање на решение: во конкретниов случај, приоритетот и фокусот кон децата и нивната безбедност контра сите други аргументи.

Септември vs септември – училница или онлајн-настава се модулира генерално вака:

1. Аргументите за враќање:
- И онака се надвор, се собираат по парковите и кафулињата. Како можат таму да седат, а не можат во клупите? Само на училиште можат да се заразат?
- Родителите работат. Кој ќе ги чува?
- Здивеа дома. Им недостига социјалната интеракција.
- Ние, родителите, спобудалевме учејќи со/наместо нив.
- Ние, наставниците, се измачивме обидувајќи се да ги научиме.

- Ништо не научија преку учењето на далечина.

2. Аргументите за учење на далечина:
- Безбедни се.
- Научуваат ако наставникот знае како.
- Може да им биде забавно ако наставникот знае како.
- Учат одговорност на поинаков начин.

Среде битката на аргументи, ете ги децата кои чекаат што ќе се случи во овој триаголник: МОН кој доцни со решенија и не нуди охрабрувачки околности, без оглед на тоа која опција од двете ќе стапи во сила. Сослушувањето на мислењата на родителите и наставниците, сублимирани преку истражување и ставени во Концепција за учење на далечина не е доволна, ако нема разработени и обезбедени ресурси за имплементација на ставовите, преточени во конкретни зафати. На едната страна, поделените родители. На другата, поделените наставници. Мачен триаголник кој манифестира агли кои не можат лесно да се спојат.

Факт е дека не е едноставно. Воопшто не е. Секој аргумент има своја тежина, прифатлив е и валиден. Јас сепак мислам вака:

Првин, не постои наставник на кој не му недостига училницата, не му недостигаат децата во тој прекрасен простор во кој општат умови, се градат и негуваат емоции. Нема наставник кој срцето не си го остава во училница. Затоа е наставник. Но, мислам дека ова се сепак моменти кога треба да ги спасуваме децата, а не образованието. Ова е сепак војна. Онаа најстрашната, кога и не го гледаме непријателот, а толку е надмоќен што не можеме веќе и да не веруваме дека постои, колку и да сме упорни во тоа настојување. Тука е и не покажува намера да се предаде.


Ако децата се вратат во клупите, дали МОН е подготвен да обезбеди услови во кои вонредието во училницата ќе функционира нормално? Дали училиштата се во состојба да реализираат настава без опасност? Работа во смени, помалку деца поделени во групи? Колку ќе трае часот, ако во средно училиште треба да се реализираат по 7 часа во три смени, да речеме? Како ќе се реализира наставната програма, освен ако не се направат сериозни зафати во правец на нејзино скратување? Кога ќе се направи тоа и зошто досега не е направено? Како ќе се спречи групирањето на децата? Маски и раздалеченост во училишниот простор? Се извинувам, но тоа се сепак нашите деца, оние истите што седат еден до друг по цел ден и во глува доба, се сликаат и се дружат оти ние како родители сме ги пуштиле надвор незаштитени. Ако и ја имаат, маската им се на едното уво, на челото, на лакотот. Помалите дечиња? Оние што си го ставаат моливчето в уста откако им паднало, си го делат сендвичот со другарчето и пијат вода од исто шишенце? Ако барем едно детенце се инфицира? Ако родителот му е носител, а не ни знае? Ако наставникот е носител, а не ни знае? Каде ќе оди тоа детенце ако има 4 или 5 скратени часа реализирани во трка со времето, бидејќи родителите ќе бидат на работа? Нели нема кој да ги чува? Дезинфицирање на училишниот простор неколкупати во денот? Постојано миење и дезинфекција на санитарните јазли? Во услови на по една до две веце-кабини според полот, на катот каде што учат деца во 5, 6 училници? Со често миење раце и дезинфекција? Со 4 или помалку хигиеничари во смена по училиште?


Фото: Pixabay

Можеме да спротивставиме и контрааргументи, секако. Ако децата останат да учат од дома, дали МОН е подготвен да обезбеди ефикасна онлајн-настава? Покажа ли досега дека може да ги обедини наставниците и да ги упати во иста насока, без да предизвика хаос во барањата и очекувањата? Има ли навистина здрава, реална стратегија за работа во вакви услови? Постои ли разграничување помеѓу можностите и желбите? Има ли платформи за работа, еднакво прифатливи за сите? Има ли валидни инструменти за вреднување на трудот на учениците? Колку слобода има секој наставник да биде наставник по мерка на децата, а не униформно скроен според поставените барања? Има ли секое дете еднакви услови за следење ваква настава? Има ли секој наставник можност да работи на овој начин – и во лична и во техничка смисла? Зошто родителите го презедоа товарот од плеќите на децата? Не значи ли тоа дека ние, наставниците, имаме проблем со креирањето на наставата, ако таа прераснува во баласт наместо во предизвик? Дали имаме професионален габарит кој ни го мери авторитетот, ако децата не ни се вклучуваат во ваквата настава? Дали тоа не се можеби истите деца кои ни спијат на часот во училница? Не е ли до нас? Колку е до децата?

Многу е комплексно, да. Двете опции се реално мачни, тешко остварливи и сигурно е дека решението за наесен, какво и да биде, нема да биде едноставно. Битката за добро решение во услови на реално мачни опции никогаш не била едноставна. Веројатно затоа е измислена флоскулата „помалото зло“. Затоа цврсто верувам дека септември vs септември е состојба која за резултат мора да ги има исклучиво децата. Оние што сега кога тоа е најтешко треба да бидат и да останат добро. Оние за кои, сепак, секое наше однесување е лекција.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни