Западна Европа ја зафати силен топлотен бран. Велика Британија, Португалија, Шпанија и Франција се соочуваат со рекордно високи температури. Минатата недела Метеоролошката канцеларија на Обединетото Кралство издаде предупредување за ретко екстремна топлина, а се очекува оваа недела температурите да се зголемат низ поголемиот дел од Англија и Велс.
Многу граѓани се жалат дека температурите во Велика Британија се потешки за поднесување отколку во другите земји, а Метеоролошката канцеларија објасни зошто е тоа така. Имено, тоа е комбинација од многубројни фактори.
- Нивото на влажност може да биде повисоко во Обединетото Кралство отколку во континентална Европа. Ако влажноста е висока, на човечкото тело му е потешко да се олади бидејќи потта не испарува - велат од Метеоролошката канцеларија.
Куќи дизајнирани да ја задржат топлината
Се наведува дека состојбата се влошува со оглед на тоа што во текот на ноќта температурите не паѓаат под 20 степени, што значи дека телото нема одмор од горештините и нема време за закрепнување.
- Исто така, зградите во Велика Британија се дизајнирани да ја задржат топлината, во споредба со потоплите земји. Исто така, клима-уредите не се употребуваат често - се наведува.
Сепак, од Метеоролошката канцеларија велат дека причините можат да бидат и психолошки.
- Кога сме на одмор во потоплите краишта во странство, очекуваме горештини и затоа сме поспремни - велат од Метеоролошката канцеларија.
Овие наводи ги потврди и д-р Каран Рајан од Универзитетот во Сандерленд.
- 30 степени во Британија се чувствуваат како 50 на кое било друго место, па имате чувство како да се топите - вели тој.
Температурниот рекорд во Велика Британија е 38,7 степени, што би можело да се надмине.
- Веројатно ќе има негативни здравствени ефекти врз целото население, не само врз оние што се најранливи на екстремни горештини, што може да доведе до потенцијално сериозни болести или опасности. Затоа повеќе луѓе ги посетуваат крајбрежните области, езерата и реките, што доведува до зголемен ризик од инциденти со вода - велат од канцеларијата.
Исто така, Велика Британија може да доживее затворање на патиштата поради топење на површините и доцнење на железничкиот и воздушниот сообраќај поради екстремна топлина.
Извор:
Index.hr
Фото: Freepik