Објавена е новата прогноза за врнежи од снег за оваа зима, врз која ќе влијае периодичното заладување на температурите на површината на океаните, попознато како Ла Ниња. Обично овие промени се случуваат во период од една до три години.
Во споредба со прогнозата објавена минатиот месец, новите податоци покажуваат зголемување на снежните врнежи во делови од САД, јужна Канада и Европа. Прогнозата е формирана со помош на проекции на Европскиот центар за среднорочни и долгорочни прогнози.
Поради оддалеченоста, Ла Ниња нема да има директно влијание врз Европа, туку врз Северна Америка. Поради тоа, се очекуваат пониски температури и зимски бури во северните и северозападните делови на САД.
Кога станува збор за Европа, се предвидува потпросечна количина на снег за поголемиот дел од континентот. Но, важно е да се напомене дека новата прогноза покажува повеќе снежни врнежи од лани во Централна и Западна Европа.
Последната прогноза за декември предвидува помалку врнежи од просекот на поголемиот дел од Европа, а истата ситуација би требало да биде и во јануари. Се прогнозира снег во февруари, но повторно под просекот. Помали врнежи од снег се предвидуваат и за март, освен во одредени централни и јужни предели кои покажуваат можност за ранопролетни врнежи.
Слична прогноза предвидува и Метеоролошката канцеларија во Обединетото Кралство, со најави за послаба снежна сезона. Од канцеларијата предвидуваат дека голем дел од континентот ќе има помалку врнежи од вообичаено, освен во некои северни делови. Во декември температурите ќе бидат во минус, а јануари нема да донесе поголеми промени во однос на претходниот месец.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik