Просечното ниво на тестостерон кај мажите опаднало за повеќе од 50 отсто во последните 50 години, покажува новото истражување претставено на конгресот на Европското друштво за хумана репродукција и ембриологија.
Истражувањето опфаќа анализа на податоци од повеќе од 8.650 студии спроведени меѓу 1972 и 2019 година, на примерок од 102.334 испитаници од пет земји, вклучувајќи ги Израел, САД, Бразил, Финска и Данска.
Истражувачите, предводени од Хагај Левин од Школата за јавно здравје при Хебрејскиот универзитет Хадаса во Израел, наведуваат коефициент на просечно намалување од 54 отсто на глобално ниво од 1979 година, а темпото на падот изгледа дека особено се забрзало по 2000 година.
Тоа е приближно пад од еден отсто секоја година, што, како што наведуваат научниците, укажува дека станува збор за силен тренд, а не за последица на случајност или статистичка грешка.
Во истражувањето се истакнува дека дебелината и дијабетесот претставуваат главни фактори кои придонесуваат за намалување на нивото на тестостерон, додека значајна улога би можеле да имаат и факторите од животната средина, вклучувајќи ги и хемикалиите кои го нарушуваат ендокриниот систем.
Со зголемувањето на нивото на телесните масти поради дебелината, тестостеронот се претвора во женски хормон естроген, додека инсулинската резистенција кај дијабетичарите и хронично високото ниво на шеќер во крвта можат да ја оштетат функцијата на хипоталамусот и хипофизата во мозокот.
Ова, пак, може да ги намали мозочните сигнали кои му наложуваат на телото да произведува тестостерон, велат истражувачите.
Авторите истакнуваат дека тестостеронот има важна улога во производството на сперматозоиди, регулацијата на сексуалната желба, но и во одржувањето на расположението, нивото на енергија, метаболизмот, мускулната маса и густината на коските.
Истражувањето под наслов „Временски трендови на вкупниот и слободниот тестостерон (1972-2019): систематски преглед и анализа на метатрендовите“, кое сè уште нема поминато стручна рецензија, се надоврзува на претходните истражувања на истата група научници кои покажаа значителен пад на бројот на сперматозоиди кај мажите во последните неколку децении.
Истражувачите напоменуваат и дека терапијата со тестостерон не е универзално решение бидејќи може да го намали природното производство на тој хормон во организмот.
Тие предупредуваат дека светот минува низ сериозна криза во машкото репродуктивно здравје која не добива доволно внимание и повикуваат на носење соодветни мерки во областа на јавното здравство.
Извор:
021.rs
Фото: Magnific