X
 20.08.2020 Здравје

Седум месеци подоцна: Што знаеме за Ковид-19 и кои прашања остануваат неодговорени?

Времето пред вирусот се чини како пред една деценија, нели? Тие безгрижни денови кога се гушкавме со пријателите и се ракувавме, кога не моравме да носиме маска пред да ги напуштиме домовите. Деновите кога социјалното дистанцирање беше непознат поим за нас. Но, во реалностa, поминаа само седум месеци откако светот го откри новиот и опасен коронавирус. Од моментот кога кинеските научници ја потврдија распространетоста на болеста во Вухан до денес научниците открија голем број работи за вирусот.

Ова се неколку работи што ги научивме, како и прашањата што остануваат без одговор.

Што знаеме


Ковид-19 и децата: Комплицирано е

Рано во пандемијата се чинеше дека постои нешто добро во целата ситуација. Децата не развиваа тешки симптоми како возрасните. Дури се чинеше дека децата не се заразуваат од болеста со иста стапка како возрасните. Но, сè во врска со Ковид-19 е комплексно, а децата не се исклучок. Додека бројот на смртни случаи кај децата и тинејџерите остануваат ниски, тоа не значи дека тие не се ранливи. И, секако, тие придонесуваат за пренесување на вирусот, иако не е јасно колку.

Научниците открија дека тинејџерите го пренесуваат вирусот со иста стапка како и возрасните. Децата под 5 години имаат високо ниво на вирусот во респираторните патишта, но сè уште не е јасно колку го шират или зошто не развиваат симптоми толку често како возрасните. Но, најзагрижувачки е тоа што мал дел од децата заразени со Ковид-19 развиваат состојба што ги напаѓа повеќето органи. Оваа состојба се јавува околу две до четири недели по инфекцијата. Повеќето деца што го развиваат овој синдром закрепнуваат.

Постои побезбедно опкружување и поопасно опкружување


Истражувањата покажуваат кои видови опкружувања го зголемуваат ризикот една заразена личност да го пренесе вирусот кај другите.

Во суштина, колку сте поблиску до некој заразен и колку подолго сте во контакт со него, толку е поголема веројатноста да се заразите, што помага во објаснувањето зошто толку се пренесува меѓу членовите од семејствата. Престојувањето на затворено е уште полошо, особено во простории без доволно вентилација; колку повеќе има проток на воздух, толку побрзо се разредува вирусот. При гласно зборување, силно дишење, пеење и врескање се исфрлува поголема количина од вирусот, па затоа експертите укажуваат дека ноќните клубови и салите за вежбање се поризични места.

Причината поради тоа што продолжениот, близок контакт со некого е поризичен е затоа што постои праг на вирусот на кој треба да бидете изложени за да се заразите. Исто така, една хипотеза вели дека некои луѓе се толку болни затоа што биле изложени на повисоки „дози“ на вирусот.

Луѓето може да бидат позитивни долго време откако ќе закрепнат

Пред неколку месеци имаше негодувања кај луѓето што навидум закрепнале од болеста, но на тестовите пак излегуваат позитивни. Дали тие се заразни?

Излегува дека постои проблем со тестирањето. Повеќето тестирања се вршат со ПЦР-тестови што бараат мали фрагменти од вирусот. Но, тестот не може да каже дали тие делови од генскиот код се дел од вистинските вируси што можат да заразат некој друг, или фрагменти од вируси што воопшто не се закана.

Сега е јасно дека луѓето што имаат лесна или некомплицирана инфекција имаат активен вирус некаде до 10 дена по појавата на нивните симптоми. Позитивните тестови не ни покажуваат дека овие луѓе претставуваат ризик за другите.

- Всушност, знаеме дека тие не се заразни толку долго - вели Марија ван Керхохов, водечки експерт за коронавирус од Светската здравствена организација.

kovid
Фото: Freepik

Болеста честопати предизвикува долготрајни ефекти

Ковид-19 низ секој дел од телото ги остава своите отпечатоци. Вирусот може да предизвика срцев удар, мозочен удар и смртоносна белодробна емболија, а постои можност и други здравствени ефекти да бидат долготрајни.

Срце: хиперинфламацијата на имунолошкиот одговор предизвикан од вирусот може да ги ослабне срцевите мускули толку многу, што дури и младите луѓе кои имаат лесна клиничка слика може да бидат изложени на ризик за идна срцева слабост.

Мозок: луѓето чиј прв симптом на Ковид-19 е губење на чувството за мирис и вкус, може да се соочат со овој симптом долги месеци по болеста. Главоболките и вртоглавицата се вообичаени. Постојат луѓе кои се соочуваат и со нарушувања во расположението, вознемиреност, депресија, ментална конфузија и слично.

Периферен нервен систем: во Италија тројца пациенти со Ковид-19 искусиле мијастенија гравис, автоимуно нарушување што резултира во неправилна комуникација помеѓу нервите и мускулите. Докторите предупредуваат и за демиелинација во која заштитната обвивка на нервните клетки е нападната од имунолошкиот систем, предизвикувајќи слабост, вкочанетост и пецкање. Во некои случаи може да поттикне психоза и халуцинации. Некои пациенти имаат Гилен-Бареов синдром, ретка автоимуна болест што се меша во нервните сигнали, доведува до абнормални сензации, слабост, а понекогаш и парализа.

Постојат луѓе што долго време не се чувствуваат како да закрепнале

Постојат луѓе што ја преживеале инфекцијата, но воопшто не се чувствуваат добро. Научниците знаат дека постојат, но не знаат колку луѓе се соочуваат со оваа состојба и зошто нивните симптоми и понатаму се присутни.

Во јули истражување спроведено од Центарот за контрола на болести и превенција покажало дека 35 отсто од луѓето што биле позитивни на Ковид-19 и имале симптоми како кашлица, замор и недостиг на здив, но не биле хоспитализирани, не заздравиле во наредните две до три недели. Кај оние помеѓу 18 и 34 години што немале претходни хронични состојби, 20 отсто чувствувале пролонгирани знаци на заболување.

Здравствениот систем „Монт Синаи“ од Њујорк отвори Центар за постковид-нега за лекување на пациенти кај кои долго време е присутен овој вирус. Дејвид Путрино, директор за иновации за рехабилитација, посочува на дисаутономија - кога срцевиот ритам, крвниот притисок и телесната температура се одделени - што можеби е причина за продолжените симптоми. Зошто Ковид-19 го предизвикува ова, не е познато.

Луѓето без симптоми можат да го шират вирусот

Дискусиите за асимптоматските случаи на Ковид-19 автоматски покренаа проблем што предизвикува главоболка. Некои луѓе навистина се асимптоматски, но зборот често се користи и за да се опишат луѓето што се претсимптоматски - оние што ќе покажат симптоми, но сè уште немаат.

Без оглед на групата за која се зборува, постојат неколку клучни импликации за пандемијата. Прво: дел од заразените (околу 20 отсто) не покажуваат никакви симптоми. Второ: без разлика дали некој е асимптоматски или претсимптоматски, тој може да го шири вирусот. Затоа кампањите во јавното здравство потенцираат социјално дистанцирање, маски и хигиена.

Вирусот не мутира брзо

Коронавирусот генерално не мутира многу брзо во споредба со другите семејства на вируси. Ова е добра работа: водечките кандидати за вакцини, на пример, се засноваат на генската секвенца на САРС-КоВ-2 така што теоретски, големата промена во тој состав може да ја спречи ефикасноста на вакцината. Но, досега такво нешто не се случило.

Сепак, научниците забележале помали промени во геномот. Она што го привлекло вниманието била една замена во „буквите“ што ја сочинуваат РНК на вирусот, што ја создала „варијантата Г“. Промената се случила рано во пандемијата и „варијантата Г“ оттогаш станала доминантна во целиот свет. Научниците не успеале да утврдат дали оваа варијанта го надминува својот претходник и можеби е позаразна и досега не наишле на докази дека луѓето што се заразиле со „варијантата Г“ се повеќе или помалку болни од оние заразени од другата варијанта.

povrsina
Фото: Freepik

Вирусите на површините веројатно не се најголемиот пат за пренос


Во текот на пролетта едвај можеа да се најдат средства за дезинфекција. Некои луѓе отидоа толку далеку што ги ставаа во карантин писмата што им пристигнувале, така што не ги допирале со денови, додека да „умре“ потенцијалниот вирус.

Но сега, општиот консензус е дека микроорганизмите на површините не се пат за пренесување на Ковид-19. СЗО вели дека нема регистрирано случај кога некој бил заразен со допир на површина.

Што не знаеме


Се чини дека луѓето се заштитени од повторна инфекција на Ковид-19, но колку долго?


Истражувачите не знаат точно колку трае таа заштита. Откриле дека повеќето заразени луѓе создаваат имунолошки одговор во вид на антитела. Извештаите за намалување на нивото на антитела предизвикаа загриженост дека можеби заштитата не трае многу долго. Но, имунолозите посочуваат дека исчезнуваат и антителата од други вируси; нивното ниво се зголемува по повторно изложување и тие и понатаму можат да ја запрат повторната инфекција.

Кога нов патоген предизвикува болест, имунолошкиот систем создава спомени, така што неговите клетки може да го таргетираат и убијат напаѓачот ако повторно се обиде да се врати. Така едно лице создава имунитет.

Што се случува ако луѓето повторно се заразат?


Со оглед на тоа што повеќето респираторни вируси не предизвикуваат доживотен имунитет на начинот на кој  го прави тоа вирусот на сипаници, постои шанса луѓето повторно да се заразат со Ковид-19.

Искуството со човечките коронавируси ја поддржува оваа идеја. Истражување од Холандија открива дека реинфекција може да се случи во рок од една година од првата инфекција, но сè уште е непознато.

maski
Фото: Freepik

Колкаво количество вирус е потребно за човек да се зарази?

Дали ќе бидете заразени или не кога ќе наидете на патоген, не е само прашање дали сте подложни или имуни. Зависи и колкава количина на вирус ќе сретнете. Износот што може да го намали балансот е она што е познато како минимална инфективна доза. Некои патогени имаат ниска инфективна доза. На пример, не е потребно многу за ешерихија коли да разболи некоја личност.

Но, колку голема доза на САРС-КоВ-2 е потребна за да се заразат повеќето луѓе?

- Не знаеме колкава количина е потребна за да се појави инфекција, но се чини дека не станува збор за мала количина како, на пример, сипаниците - вели Ангела Расмусен, експерт за коронавирус на Универзитетот „Колумбија“.

Колку луѓе се заразени?


Има 22 милиона потврдени случаи низ светот, а 5,3 милиони во САД. Но, далеку повеќе луѓе го имале вирусот. Проблемите со тестирањето и неговата ограничена достапност придонесоа за тој јаз, како и фактот дека некои луѓе имаат толку благи или никакви симптоми што не знаат дека се заразени.

Тестирањето за антитела почнува да дава некакво знаење. Едно неодамнешно истражување на Центарот за болести и превенција спроведено во 10 града и држави проценува дека во повеќето места вистинскиот број на инфекции е 10 пати поголем од бројот на потврдени случаи.

Не е јасно зошто некои луѓе се разболуваат, а некои не


Некои луѓе се асимптоматски, некои имаат благи симптоми, некои умерени што доведуваат до компликации и смрт.

Постојат неколку јасни фактори за тоа кои луѓе имаат поголем ризик од сериозно заболување: старите лица, како и луѓето со карцином, луѓето со поголема тежина и други состојби.

Но, научниците тврдат дека многу други основни фактори можат да покажат зошто повеќето здрави 30-годишници лесно ја поминуваат инфекцијата, додека други се сериозно болни. Истражувачите ги проучуваат генските разлики кај пациентите, додека други гледаат во крвните групи.

Неодамнешните истражувања посочија друг потенцијален играч. Можеби половина од населението има Т-клетки на имунолошкиот систем кои првично биле создадени како одговор на инфекција од еден од вообичаените коронавируси што предизвикуваат настинка. Токму овие Т-клетки можат да му дадат на имунолошкиот систем поткрепа што му е потребна за да се спречат сериозните симптоми, но истражувачите не знаат каква улога имаат тие и дали воопшто имаат некаква улога.

Извор: Statenews.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје