X
 20.08.2024 Живот

Август - меѓународен месец за подигнување на свеста за зависностите

Што е зависност?
Секое задоволство може да предизвика зависност – дрога, алкохол, коцкање се најчестите.

Зависноста од психоактивни супстанции претставува комплексна болест со карактеристики на: силна потреба за нивно консумирање, загуба на контрола врз користењето на супстанцијата и појава на апстиненцијална криза.

Апстиненцијална криза која се јавува со прекинување на користењето на супстанцијата може да придонесе се јави анксиозност, емоционални тешкотии, нерасположение, меланхоличност, очај или висока фрустрација, немир, иритабилност, експлозивност, авто или хетероагресија. Од когнитивните промени може да се јави тешкотија на фокусирање и концентрирање или ослабнато помнење, а исто така може да настанат и тешкотии со мисловниот процес, ирационални мисли, односно перцептивни тешкотии како што се илузии или халуцинации.

По повторувачкото користење на дрогите, наредното користење не е доброволно бидејќи дрогите го менуваат мозокот!

Тие даваат лажно чувство на сигурност и самодоверба.

Семејни фактори на ризик за појава на зависност може да бидат:

- брачна неслога, чести конфликти
- дезангажирани родители, недоволна присутност на родителите во животот на младите; ниска осетливост за потребите на младите
- презаштитнички родители кои бараат преголема близина (најчесто мајките, а татковците се игнорирани), а време е за индивидуализација на младите;
-авторитарен воспитен стил, односно ригидни родители кои бараат строга послушност, покорност
-препопустливи родители, нема правила и ред
- насилство во семејството – емоционално, физичко, сексуално
- родителите се зависници
-семејства каде што се негуваат хедонистички, односно материјални вредности - децата во овие семејства не се учат да го добиваат задоволството низ труд и работа, туку се опсипувани со материјални работи кои родителите често ги користат како замена за нивното отсуство од домот или емоционалната неангажираност кон децата уште од помала возраст;
-начин на однесување при смрт или друг тип на загуби: специфично во некои семејства со зависности е што за смртта не се ни зборува, а чувствата на тага се потиснувани и не се експресираат помеѓу членовите, заглавени се во процесот, иако е познато дека оджалувањето (зборување за покојникот, плачење, тагување) е природен и неопходен процес .

Први реакции на семејството кога ќе слушнат за зависноста за семејниот член се негирање, срам, лутина, загриженост.

Како може да се забележи употребата на дрога?

Некои симптоми се:
-Често лажење
-Исчезнување вредни предмети од домот или често барање пари
-Носење темни очила навечер или кога е облачно
-Запоставување на личната хигиена
-Чести промени во расположението со нагли изливи на бес, лутина и агресија
-Ниска желба за училишни активности, хоби, дружење
-Дружење со лица кои земаат дрога
-Промена на ритамот на сон
-Кутичиња со сомнителна содржина во домот

Успехот при лекувањето од зависности зависи од:


- Воспоставување нов животен стил, нови правила, нови перспективи, цели и подобро самоспознавње и саморазбирање.
- Напуштање на старото друштво.
- Препознавање и поддржување на идеите за промена од страна на семејството, пријатели, соседите. Позитивно очекување од нив, верување дека промената е можна.
- Прифаќање на евентуалните рецидиви како нормални.

Што се очекува при психотерапија со клиенти?

-Работа со целото семејство – генерално проблемот е на семејството, не е само на клиентот.
-Одредување цел на терапијата – да постигнат целосна апстиненција, да го подобрат квалитетот на животот или и двете.
-Топол, поддржувачки, почитувачки однос на терапевтот.
-Разбирање на наративот на клиентот.
-Нагласување на личната одговорност на клиентот.
-Проверување дали добро е разбран клиентот и потенцирање на неговата мотивираност за промена.
-Поддржување при стекнување нови вештини. Постојано потсетување дека е потребно време и вежбање.

Автор: Мирјана Цветковиќ, психолог, системски семеен советник
Психолошки центар Алтернатива

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот