X
 20.10.2017 Здравје

Најчестите заблуди за грипот


Болно дете
(Фото: Pixabay)


За грипот се знае многу, но и натаму опстојуваат премногу заблуди. Тие понекогаш се банални, но, за жал, можат да бидат и опасни за здравјето на децата. Еве ги најчестите заблуди за грипот, па ајде да ги разјаснеме заеднички.

Грипот е обично вирусно заболување кое не е опасно за децата!

Целосно неточно!


Грипот не е обично вирусно заболување, туку е опасна вирусна болест, која е особено опасна за помалите деца! Ако ги погледнеме вирусите што ги напаѓаат дишните патишта, грипот е на врвот на листата на микронапаѓачи кои можат да доведат до сериозни компликации. Историски гледано, овој вирус убил повеќе луѓе од кој било друг (иако ХИВ-вирусот сепак се наоѓа на првото место).

Грипот е болест на целото тело, а секој што го прележал, знае за што зборуваме. Затоа кон грипот треба да се однесуваме „со должно внимание“ и да се заштитиме и себеси и децата благовремено.

Нема потреба да се вакцинираме, ќе набавиме „антигрипозен“ лек, па штом ќе се појават првите симптоми, веднаш ќе почнеме со терапијата.


Не е добра оваа идеја!

Иако постојат лекови кои доколку се применат на почетокот на болеста навистина помагаат, тоа не е вистинска превенција. Најдобро е болеста да се спречи во корен, а тоа значи да не се дозволи вирусот да почне со инфекција. А тоа се постигнува со вакцина! Вакцинацијата му овозможува на организмот да го победи вирусот пред тој да му нанесе штета, а антивирусниот лек тоа го прави откако вирусот веќе почнал да „ровари“ во телото на детето.

Тука постои уште еден проблем – „антигрипозната“ терапија дејствува само против вирусот на грипот, а тоа значи дека пред започнувањето со терапија треба со сигурност да се знае дека детето е заболено токму од грип. Тоа може набрзина да се провери со тестови кои откриваат вирус на грип, но тие сè уште не се применуваат рутински кај нас. Затоа, антивирусниот лек најверојатно ќе се потроши пред да се појави грипот, затоа што има многу вируси кои наликуваат на грип, а всушност не се тоа (инфлуенца вирус).

Детето не може да добие грип ако не оди во градинка, па најдобро е до напролет да седи дома.


Не е така!

Детето може да добие грип и дома (ако го донесат повозрасните), или додека шета во некои затворени трговски центри, во јавниот превоз, во игротека, на роденден... Затоа е неприфатливо детето „да седи дома“ 4-5 месеци. Тоа значи дека го ставаме во стаклено ѕвоно така да живее половина година. Детето треба нормално да живее, да се движи, да оди во градинка, а ако навистина сакаме ефикасно да го заштитиме, решението е навремено да го вакцинираме со безбедна вакцина за деца.

Минатата зима немаше епидемија на грип – нема да има ни годинава.


Точно е дека немаше вистинска епидемија минатата зима, но многу деца и повозрасни граѓани заболеа од грип. Затоа, најдобра превенција од појава на епидемија на грип е –„масовна“ и правовремена вакцинација.

Штом почне грипот, најдобро е веднаш да се даде некаков силен антибиотик, за секој случај.

Ова никако не смее да се прави!


Не може да се спречи ширењето на вирусот со антибиотик. Причината е едноставна – антибиотиците ги уништуваат бактериите, но не и вирусите. Факт е дека кај грипот можат да се очекуваат компликации кои се лекуваат со антибиотици, но тоа не се прави однапред!

Прво, можеби детето ќе ја помине ситуацијата без компликации, а второ, ако се случат под дејство на антибиотик, тогаш ќе мора во терапијата да се вклучи и втор „посилен“ (со поширок спектар на дејствување) антибиотик, кој најчесто се аплицира со инјекции! Затоа, одлуката за евентуална антибиотска терапија треба да ја носи педијатар!

Штом се спушти температурата, децата можат да се вратат во градинка или на училиште.


Тоа не е добро за децата!

Грипот е болест која бара детето убаво и целосно да закрепне пред да се врати во колективот. Има многу факти што го потврдуваат ова тврдење, но пред сè треба да се знае дека грипот значително ја заслабнува детската одбранбена (имунолошка) способност. Во борбата со вирусот, детето може целосно да се исцрпи, па по прележаната болест е поподложно и на други инфекции.

Во текот на зимата владеат и други вируси, но и бактерии, кои лесно се „калемат“ после вирусот на грип, кој зад себе остава ослабен имунолошки статус.

Од друга страна, престанувањето на температурата не значи дека болеста поминала. Дури по закрепнувањето на општата состојба кај детето (станува поживо, поенергично, заинтересирано) и враќањето на апетитот, тоа веќе зајакнува и е подготвено за акција. За ова се потребни неколку дена, па повеќето деца треба да паузираат седум до десет дена од последниот ден со зголемена температура. Се разбира, евентуални компликации го продолжуваат времето за зарепнување.

Се вакцинирав минатата година, не мора и оваа.


Тотална заблуда!


Вакцината дејствува само во текот на една зимска сезона! Потребно е да се „освежува“ имунитетот секоја година, а тоа се прави со посебна комбинација на состојки во вакцината кои ја одредуваат експерти под закрила на Светската здравствена организација, и тоа секоја година. Тие „предвидуваат“ кои типови и поттипови на вируси можат да „хараат“ во текот на сезоната на грип.

Затоа сите оние што се вакцинирале минатата година треба да се ревакцинираат и оваа, затоа што тоа е најдобриот начин за спречување инфекција.

Мало дете не пренесува грип – не може да ги зарази постарите.

Погрешно!

Децата се одлични пренесувачи на заразни болести, па и на грип. Вирусот лесно се размножува во мали и имунолошки слаби организми, доколку за тоа постојат „станбени услови“. Иако обично се разболуваат и другите домашни, некогаш со правовремена изолација може да се помогне здравите деца да не се разболат.

Срцето брзо му чука, а и температурата е висока – изгледа вирусот го нападнал срцето.

За среќа, не е така!

Секое здраво дете што има висока телесна температура има и забрзана работа на срцето. Тоа е нормална и вообичаена реакција на зголемувањето на температурата, која има цел да ја обезбеди зголемената потреба за крв во детскиот организам. Тоа не е знак на болест, туку знак на адекватна реакција на детското срце. Би било чудно ако детето има забавена работа на срцето при висока температура.

Ако детето нема висока телесна температура, а срцето му работи многу брзо, тоа може да биде знак за некаков проблем со срцето. Затоа немајте грижи – забрзувањето на работата на срцето при висока температура е нормална појава.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје