Џими Чиполата е првото терапевтско куче што работи на Универзитетот „Нотингем Трент“, иако не секој верува во неговите терапевтски моќи.
Неговата работа е да обезбеди психолошка поддршка за студентите што се под стрес поради работата, испитите и патот што би го избрале за нивната идна кариера. Тој обезбедува психолошка поддршка така што дозволува студентите да го погалат и да го гушкаат.
- Постојат многу истражувања што го покажуваат влијанието на миленичињата врз менталното здравје и благосостојбата - вели Дебра Истер, која е сопственичка на Џими.
Фото: Michael Scott
Улогата на терапевтските кучиња е да реагираат и да одговорат на луѓето и нивната средина, под водство и насока на нивниот сопственик. На пример, поединецот е охрабрен нежно да го погали или да поразговара со кучето за да научи што е чувствителен допир и кучето да му помогне да биде смирен.
- Откако Џими почна да работи тука, забележав дека доаѓаат многу луѓе кои инаку не би дошле и не би разговарале, како што се помалку ангажираните и посрамежливите студенти - додава таа.
Иако Џими е присутен на кампусот само неколку дена во неделата, тој прави редовни посети околу кампусот, понекогаш со симпатична мала вратоврска околу вратот, помагајќи им на студентите да останат смирени.
Бидејќи терапевтските кучиња може да имаат огромно позитивно влијание врз благосостојбата на учениците и студентите, училиштата и универзитетите сè повеќе се одлучуваат за терапевтска програма со кучиња како начин за обезбедување социјална и емоционална поддршка на студентите.
Истражувачите откриле дека универзитетските студенти пријавиле значително помал стрес и анксиозност и имале зголемено ниво на среќа и енергија откако поминале една сесија со терапевтско куче, во споредба со контролната група на студенти што не поминале време со
терапевтско куче.