X
 20.09.2018 Култура

„Ругање со Христос“ на 5 октомври ќе го отвори Фестивалот на дебитантски филм „Киненова“

Директорот на фестивалот, Небојша Јовановиќ, истакна дека концептот е да им се даде простор на храбри автори-дебитанти кои се зафатиле со теми што во некои земји се игнорирани и ставени настрана, а нивните автори третирани како неподобни

Осум филма се во натпреварувачката селекција на 3. Меѓународен фестивал на дебитантски филм „Киненова“, кој под мотото „Првиот никогаш не се заборава“ ќе се одржува од 3 до 12 октомври. Официјалниот дел на фестивалот е од 5 до 10 октомври и ќе биде отворен со дебитантскиот игран филм на Јани Бојаџи, „Ругање на Христос“, што ќе биде и негова македонска премиера по светската во Монтреал.

Тој е меѓу осумте филмa во трка за наградите за најдобри: дебитантски филм, режисер, сценарио, како и специјална награда од меѓународното жири. Во официјалната селекција се уште пет филма од Европа, како и по еден од Иран и од Перу.

Селекторот Игор Анѓелков на прес-конференција денеска рече дека било возбудливо да се погледне во најновата светска кинематографија, но и тешко да се направи избор поради плодната продукција и затоа што, рече, има многу дебитанти кои храбро влегуваат во своите први или втори остварувања и обработуваат теми на свој начин.

Директорот на „Киненова“, Небојша Јовановиќ, истакна дека концептот на фестивалот е да им се даде простор на храбри автори-дебитанти кои се зафатиле со теми кои во некои земји се игнорирани и ставени настрана, а нивните автори третирани како неподобни.

- Педесетина исклучителни филмови се пријавија, а наш императив беше да ги пронајдеме оние што бескомпромисно се борат за зачувување на слободното уметничко изразување и не тргуваат со уметничкиот или личен интегритет - рече Јовановиќ.
„Ругање со Христос“ бил избран зашто го исполнува критериумот да е дебитантски и поради заложбата на „Киненова“ да има и македонски дебитантски филм во програмата. Го селектирале пред реакцијата од Министерството за култура, кој филмот го оцени како скандалозен и контроверзен, дека тенденциозно игра со историјата и му наштетува на соживотот.

„Киненова“ дава простор на првите и вторите филмски остварувања

Филмот освои награда во Монтреал, селектиран е и за Торонто, во Македонија не е прикажан досега и е достапен само трејлерот.
- Воопшто не го знаевме, ниту го предвидовме тој општествен контекст околу филмот. Се водевме според принципите на квалитетот на филмот и дали заслужува да биде во натпреварувачката селекција. Сметавме дека заслужува и дека е необичен и храбар авторски филм во смисла на филмска нарација. Темата што ја обработува е регионална, од балканскиот контекст, и воопшто не е фокусиран на она што можеби трејлерот го претставува. Нема нешто од што некој може да биде навреден или да се плаши. Секако, би ја поминал нашата цензура на фестивалот доколку сметавме дека има нешто проблематично во содржината - рече Јовановиќ, кој додаде дека очекува да спласне тензијата по македонската премиера на филмот, за која ќе го поканат и министерот за култура.

Специјален гостин на „Киненова“ ќе биде сценаристот и режисер од Турција, Зеки Демиркубуз, и ќе бидат прикажани четири негови филма. Тој ќе одржи и мастер-клас во Кинотека, каде што, исто така, мастер-клас ќе одржи и хрватскиот сценарист Анте Томиќ - за трикови во пишувањето филмски дијалози. На фестивалот ќе има уште една специјална гостинка која организаторите ќе ја соопштат дополнително и ќе ѝ биде врачена награда за особен придонес во филмската уметност на отворањето на „Киненова“.

Во рамките на фестивалот првпат во Македонија ќе биде претставена норвешката кинематографија со проекција на пет филма, од кои два од најпознатиот режисер на таа земја - Ерик Попе. Ќе има и „Балканска филмска програма“, проекции на двата први филма на Ингмар Бергман од 1946 година („Криза“ и „Кризата во нашата љубов“) по повод 100 години од неговото раѓање, детска филмска програма, како и две работилници - за филмска анимација наменета за деца со посебни потреби и работилница во соработка со УНИЦЕФ за зголемување на свесноста за ненасилство врз деца.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура