Наставната програма по физичко образование е скратена, ги нема колективните спортови и децата вежбаат гимнастика, атлетика, танци за да останат активни
Ученици, денеска ќе учиме за хроматски и ахроматски бои. Сите бои од спектарот се хроматски бои, за разлика од црната и белата кои не се бои во ликовниот јазик. Сега имате задача да нацртате на лист од блок што сакате, на едната половина да е само со молив, а на другата половина нацртајте го истото само обоено - им рече наставничката на учениците.
Вака започна онлајн-часот по ликовно во петто одделение во едно скопско основно училиште. Сите ученици почнаа да цртаат, исто како да се во училница. Камерите и тонот им беа вклучени на сите. По 15 минути децата ги нацртаа цртежите.
- Сега еден по еден ќе ве прозивам и секој ќе си го покаже својот цртеж – побара наставничката.
- Андреа, си нацртала црно-бел цвет и кошница со јаболка во боја. Нели рековме ист да е цртежот, а само боите да бидат различни. Да бевме во училница, ќе ти укажев уште веднаш на ова, но не сме. Вакви се условите - рече наставничката.
Како учениците во основно и во средно образование се изразуваат онлајн по предметите што бараат да покажат вештини, како што се ликовно, музичко и физичко образование? На овие прашања побаравме одговори од наставници и професори што предаваат некој од овие предмети.
Илија Ристовски е професор по физичко образование во средното стручно училиште „Михајло Пупин“. Тој вели дека одржува онлајн-настава според програмата, која се состои од физички вежби.
- Ние цела година ќе работиме вежби за развој на моториката, главната цел е учениците да не се залежат. Се приспособуваме на условите што секој ги има дома, па на учениците нема да им бидат потребни дополнителни реквизити. Вежбите се главно за корективна гимнастика. Многу е важно да ги прават за да не качуваат килограми. Домашно немаат, работат од дома. Нема правење вежби во живо додека трае часот. Професорот има опција или да ги работи вежбите преку камера или да ги пушта вежбите на линк. Доказ дека вежбите се прават не можам да имам, но кога ќе дојде на ред оценувањето, кое ќе се спроведе во сала со физичко присуство, ќе се види демонстрацијата на вежбите. Доколку секој ученик ги работи во целост, мислам дека ќе биде сè во ред иако сум свесен дека ефектот не е ист како оној во сала. Вака не можам да контролирам и да видам дали ученикот правилно ја прави вежбата, па да му укажам каде греши и слично - вели Ристовски.
Во средно стручно образование креативноста во наставата по музичко образование е сведена на основно ниво. Таму учениците не треба многу да пеат или да свират, туку мора повеќе да учат.
- Целата програма е сведена на лекции. Предавам онлајн, засега одлично се снаоѓаме. Сево ова мислам дека на учениците им е интересно како ново искуство. Во прва година учиме за музиката низ вековите, од 15 до 21 век. Учиме за тоа каква била музиката во барок, ренесанса, класицизам, сè е опфатено. Повеќе се учи историја на музика. Има и лекции за македонскиот фолклор. Децата пишуваат домашни и есеи на тема музика, што таа претставува за нив, а исто така се бара од нив да направат, на пример, разлика меѓу Моцарт и Бетовен, односно нивните дела - вели професорката по музичко од истото училиште.
Кристијан Здравковски е наставник по физичко образование во Основното училиште „Гоце Делчев“ во Центар. Онлајн-часот по овој предмет секогаш почнува со вежби за загревање, а нив ги прави еден ученик во одделението и другите го следат.
- Јас сум овде да укажам и да демонстрирам правилно правење на вежба ако децата не ја прават како што треба. Во почетокот им праќав видеа на „Јутјуб“ со вежби, но сега се вежба на секој час. Скратена е програмата по овој предмет, ги нема колективните спортови. Најмногу има атлетика, танци, гимнастика. Додека не е многу ладно, планирам да ги носам учениците во градски парк, на Водно и на кеј затоа што физичко не е за внатре и за дома - вели Здравковски.
-Многу ми се допаѓа часот по физичко онлајн зашто ме релаксира. Наставникот ни ги покажува вежбите на камера, а ние ги повторуваме. Ни вели дека е многу важно да вежбаме овој период бидејќи подолго време сме дома и пред компјутери. Нè прашува дали дополнително спортуваме, дали здраво се храниме и дали пиеме доволно вода – раскажува ученичка од основно училиште во Карпош.
Од Министерството за образование и наука велат дека нема подобра алтернатива за наставата во училиште.
- Сепак, образованието на младите не смее да трпи застој и затоа обезбедуваме и опција за далечинско учење, која повторно потенцираме дека не е совршена, но сепак е најдобра додека е актуелна пандемијата на Ковид-19. Постепено ќе ги надминуваме сите предизвици и овој систем на образование, кој ќе нуди повеќе опции, начини на едукација, ќе се надградува - велат во МОН.