X
 04.10.2023 Наша тема

Стипендии, униформи, целодневен престој, тутори... Како општините од внатрешноста на Македонија им помагаат на учениците

Секоја општина на свој начин ја склопува образовната програма, па условите за школување се разликуваат од една до друга општина. Зависно колкав е буџетот на општината, се одредува и колку ќе им се помогне на учениците и училиштата

Минатата недела споделивме каква помош им нудат скопските општини на основните училишта, а овој пат решивме да побараме информација од општините од внатрешноста на Македонија. Ги прашавме што сѐ опфаќа општинската помош за основците. На кој начин општината им излегува во пресрет на основните училишта, учениците и, секако, на родителите. И повторно добивме слична слика, но условите за школување се разликуваат од една до друга општина.

Од Општина Струмица ни посочија дека стратешка цел е препознавање и интегрирање на потребите на учениците и се реализира преку утврдените приоритети, а тука ни набројаа неколку потточки: поддршка на талентирани ученици (преку јавен повик, за 25 ученици во основното и 20 ученици во средното образование, со обезбедени финансиски средства во износ од 2.000 денари месечно за учениците од основното образование и во износ од 2.500 денари месечно за учениците од средното образование за период од девет месеци); поддршка на ученици од социјално-загрозени семејства (набавка на училиштен прибор); поддршка на ученици со попреченост; обезбедување училишни униформи за учениците од прво одделение; еднократна парична помош за семејства кои првпат го запишуваат своето дете во прво одделение;

Општина Струмица преку стратешките цели и приоритети секогаш им излегува во пресрет на барањата од училиштата.

Општина Штип првпат во Буџетот предвиде средства за доделување стипендии за особени постигнувања на државни и меѓународни натпревари во учебната 2022/2023 година. Стипендиите и еднократни парични награди се доделуваат согласно ранг-листата од Комисијата за наградување на учениците од Општина Штип, врз основа на спроведениот Јавен повик за пријавување на ученици. Стипендиите се доделуваат за период од 12 месеци, за учебната 2022/2023 година.



- Општина Штип распиша оглас за обезбедување над 2.000 униформи за учениците до 5. одделение од сите основни училишта со цел да се намалат разликите меѓу нив, а родителите да немаат оптоварувања во семејниот буџет. За овој пилот-проект Општината издвои над 3,5 милиони денари, а наредната година се предвидува проектот да се прошири и за учениците во погорните одделенија. Особено сме горди на воведувањето превоз каде што се опфатени и учениците (над 2,5 км оддалеченост од училиштето во кое учат превозот е бесплатен). Учениците од прво одделение добија прибор и училиштен ранец од Општина Штип и од општествено одговорни компании - споделуваат од Општина Штип. 

Се воведува продолжен целодневен престој во основното училиште „Ванчо Прќе“, кој се реализира по барање на родителите. Просторијата е во фаза на адаптација и се очекува ова катче да биде презентирано и оспособено до крајот на следната недела.



Општина Охрид, исто така, ни ги сподели дополнителните мерки реализирани исклучиво од буџетот на Општина Охрид за поддршка на образовниот процес.

- Општина Охрид доделува стипендии на ученици од општинските основни училишта, и тоа: стипендии за талентирани ученици, за ученици кои живеат во потешки социјални услови, за посебни остварувања на ученици од прво до деветто одделение кои постигнале значајни резултати во областа на: спортот, литературата, музичка, ликовна уметност и други вештини. Висината на стипендијата изнесува 2.000 денари месечно за 9 (девет) месеци во текот на учебната година. Општина Охрид доделува стипендии и за ученици од општинските средни училишта - соопштуваат од Општината.

Втора година по ред се реализира проектот „Нашите првачиња“, кој предвидува финансиска поддршка од 3.000 денари за секое запишано прваче во основните училишта во Општина Охрид.

- Организираме продолжен престој за учениците во групи, и тоа од прво до петто одделение со ученици од исто одделение или од прво до трето и од четврто и петто одделение со ученици од различни одделенија. Оваа законска можност Општина Охрид години наназад ја реализира со сопствени средства обезбедени во Буџетот. Наставниците се ангажираат за период од 9 месеци, на пола работно време преку Агенција за привремени вработувања. Износот на нето-примањата за нивната работа изнесува 15.000 денари месечно - посочуваат од Општина Охрид.

Образовен додаток е мерка наменета за студенти од Општина Охрид што студираат надвор од Охрид, а потекнуваат од семејства со социјален ризик, со примања до износот на минимална плата во Македонија, многудетни семејства, еднородителски семејства, како и семејства во кои има лице со посебни потреби и ретки болести. Еднократно се доделуваат по 6.000 денари. Се доделува награда и за првенец на генерацијата во основните и средните општински училишта во вредност од 10.000 денари.

И Општина Битола овозможува различна поддршка на основните училишта, во насока на воспитно-образовниот процес, подобрување на условите во училиштата и поттикнување и мотивација на учениците за постигнување повисоки резултати. Во однос на тековната работа, Општина Битола ги покрива сите материјални трошоци за училиштата.



- Од минатата година првпат се спроведува проектот за поддршка на првачињата, за кои Општината издвојува по 3.000 денари. Минатата година се воведе и наградување на надарени и талентирани ученици од основните и средните училишта, кои постигнале високи резултати на државни и меѓународни натпревари по предметите: математика, природна група на предмети, македонски јазик, странски јазици, општествена група на предмети, ликовна уметност, музичка уметност и земјоделски науки - истакнаа од Општина Битола.

По потпишаниот договор помеѓу Советот на Европа и Општина Битола и објавениот јавен повик за ангажирање тутори за поддршка на ученици Роми од второ, трето и четврто одделение во основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола, се изведува туторска настава во ова училиште.

- Целта е да се унапреди квалитетот на образование за децата Роми во основно образование. Дополнителната образовна туторска поддршка се обезбедува по предметите македонски јазик, математика и англиски јазик. По добиените податоци од ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ Битола, туторската поддршка ја добиваат околу 70 ученици, од страна на шест тутори и еден консултант, кои се ангажирани 7 месеци. Акцијата се изведува во два дела, од април до јуни и од септември до декември. Во рамките на проектот набавени се материјали за учениците и туторите, кои им се потребни за поквалитетно изведување на туторската настава - дополнуваат од Општина Битола.



И Општина Тетово
ни сподели за поддршката што им ја дава на учениците.

- Општина Тетово, во рамките на своите финансиски можности, во многу случаи им помага на училиштата, на пример, кога имаат потреба од бојадисување, санитарни услови, изградба на спортски терени, набавка на училишни книги и др. Знаејќи дека блок-дотацијата што им ја дава Владата на училиштата е многу мала, нема простор за некоја поголема инвестиција. Во однос на униформите за учениците, во буџетот на Општината, поконкретно во буџетот на училиштата, не е предвидено финансирање на униформи за учениците. Тоа се прави со самофинансирање на родителите преку Советот на родители - нѐ информираа од Општина Тетово.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема