X
 21.01.2017 Образование

Гугл едукација: Интернетот го обезвреднува знаењето на просветните работници

nastavnik 


При обид да се окарактеризираат почетоците на 21 век во однос на поврзаноста меѓу технологијата и образованието, сосема е во ред да се каже дека екраните на паметните уреди го виткаат ‘рбетот на средношколците и кадрите што ги произведуваат високите образовни институции.

Истражувачките вештини се применуваат најмногу на интернет пребарувачот Гугл, често само до втората или третата страница од предложените автоматски извори, а се нудат и изработки на семинарски, дипломски и магистерски трудови по соодветна цена. Истовремено, потенцијалот на истражувачкиот дух кој треба да е во љубопитноста на човекот како карактерна особина постанува механичка вештина, а истражувачот игра улога само на „колекционер на информации“ (кои подоцна ги реди по замислениот редослед). Жално е што како минуваат генерациите интернетот е најчестото место каде што се пребаруваат копирани, филтрирани, поедноставени и пред сѐ информации од информативен карактер и неретко остануваат такви  кои не нудат и едукација кога се во допир со образованието.

Се чини како да образованието повеќе нема тежина, само форма и големина, има волумен, но нема густина, како да постанува трул и осиромашен со бои и идеи, и како сѐ поретко да се вдахнува мудрост во главите на рамениците на идните генерации. Несомнено причината за ова се поголемиот број електронски активности чија цел е да забавуваат повеќе отколку да едуцираат.
Во 2008 година пред секој ученик во средните училишта беше поставен компјутер, а наставниот кадар доби обврска да го вметне во наставата. Општото мислење според шпекулациите беше дека оваа мерка е речиси непотребна, а новата грижа беа тивките паузи, пасивноста на учениците, па и вообразеноста дека знаат повеќе од просветните работници, што на некој начин постана пречка професорот длабински и професионално да навлезе во материјата што се изучува.

Во оваа ера на паметни уреди образованието постои без едукација, за вредности се учи од статии на интернет, а истражувачкиот потенцијал на младиот човек се сведува на неколку копчиња, наместо на листа библиотеки, музеи, институции, или луѓе. Ако се постави прашање какво треба да биде новото освежување на ова поле, гласам против секој нов производ на капиталистичкото општество.

Подготвил: Марта Димитров

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование