Гладот во светот е еден од оние проблеми што се чини дека сите сакаат да го решат, но никако да исчезне. Во 2020 година речиси 700 милиони луѓе страдале од глад во одреден период од животот.
Бројот на гладни луѓе во светот се намалува во последниве години, но сè уште постои. Проектот „Церес2030“ има цел да му стави крај на гладот во светот за 10 години со инвестиции засновани на докази. Проектот е со седиште на Универзитетот „Корнел“ и е заедничка иницијатива на повеќе луѓе од целиот свет. Делумно е финансиран од фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ и германското министерство за економска соработка и развој.
Во проектот се вклучени над 70 истражувачи од 23 земји кои ги имаат најдобрите информации и податоци за она што е потребно да се намали гладот во светот.
Со помош на вештачка интелигенција се прегледани половина милион претходно објавени извештаи, истражувања и написи на темата. Машината ги прегледала овие информации и ги
организирала, а истражувачите вклучени во проектот потоа ги сумирале сознанијата во заклучоци за подобрување на приносите на земјоделските култури и приходите на земјоделците.
Фото: Pixabay
Анализата покажува дека многу истражувања имаат слични заклучоци за придобивките од неколку едноставни иницијативи. Меѓу другото, заклучено е дека организациите на земјоделци им помагаат на членовите да ги зголемат приходите и родот. Заклучено е и дека е потребно подобрување на инфраструктурата во земјите со среден и низок приход, каде што земјоделците немаат постојат извор на вода, но и дека може да се помогне со намалување на отпадот што го произведуваат граѓаните на богатите земји.
Овие и други идеи што ги издвојуваат истражувачите од својата анализа треба да ги зголемат приходите, приносот на земјоделските култури и отпорноста на малите произведувачи за време на глобални предизвици како климатските промени.
Истражувачите сметаат дека за да се реализираат овие идеи со кои би му се ставил крај на гладот, потребни се околу 14 милијарди долари годишно, речиси двојно повеќе од она што се троши денес. Потребни се и нови инвестиции од владите на земјите што се најпогодени.
Автор: Скоти Хендрикс
Извор:
bigthink.com