X
 20.11.2018 Економија

Гас како спас - Египет сака да стане енергетска сила

Египет сака да се наметне како енергетска сила во источното Средоземjе за да го зајакне геополитичкото влијание и да ja заживее економијата.

Охрабрени од неодамнешните откривања на наоѓалишта на гас кај своите брегови, Египќаните во последните месеци потпишуваат енергетски договори со Грција, Кипар и со Израел. Пред околу една година четири наоѓалишта за гас кај Египет беа додадени во производството на земјата.

Едно од наоѓалиштата, гигантското наоѓалиште на гас, Зор, во Средоземјето, беше откриено во 2015 година од страна на италијанскиот енергетски гигант „Ени“ и станува збор за најголемото офшор-наоѓалиште на гас во египетските територијални води. Потоа се утврдени уште три големи наоѓалишта.

Како резултат на тоа, Египет, најмногубројната арапска земја со речиси сто милиони жители, престана да увезува течен природен гас. Египет во 2017 година потроши 220 милиони долари за увоз на гас, а во 2016 година мораше да бара заем од 12 милијарди долари од Меѓународниот монетарен фонд.

Сега производството достигнува 184 милиони кубни метри гас за еден ден и кога веќе е преминат прагот за производство за сопствени потреби, Египет може да стане и извезувач на гас. Со таа цел, Египет реши да ги отвори вратите за приватниот сектор да увезува гас, да го претвора во течен гас во фабриките на северот од земјата и потоа да го извезува кон Европа.

Во септември Каиро потпиша договор со Кипар за изградба на првиот подводен гасовод, а во февруари е потпишан договор со Израел за увоз на природен гас од израелските наоѓалишта Тамар и Левијатан.

Според тој договор, американската компанија „Нобл енерџи“ и нејзиниот израелски партнер „Делек група“, како и египетски „Ист гас“, купија 39 отсто од гасоводот кој го поврзува израелскиот град Ашкелон со северот од египетскиот Синајски Полуостров. Договорот предвидува испорака на 65 милијарди кубни метри гас од израелските гасни полиња за износ од 15 милијарди долари.

Планот на Египет да стане регионална енергетска сила не се ограничува на секторот на природниот гас, туку вклучува и големи проекти во секторот на нафтата и петрохемијата. Државата се надева дека ќе заработи повеќе милијарди долари приход од нафтениот сектор.

Министерот за нафта, Тарик ел Мола, неодамна го објави потпишувањето на договорот за проширување на рафинеријата „Мидор“ во Каиро со цел зголемување на нејзиниот капацитет за 60 отсто. Многу се очекува и од новата рафинерија „Мостород“, северно од Каиро.

Увозот на нафта и на нафтени производи во Египет минатата година изнесуваше 5,2 милијарди долари. Претседателот на компанијата „Ситадел капитал“, Ахмед Хајкал, истакна дека само со производството во „Мостород“, Египет ќе може да заштеди две милијарди долари за купување нафтени производи.

Земјата исто така сака да ја развие својата петро-хемиска индустрија со петро-хемискиот комплекс „Ал Тахрир“, кој се гради на Црвеното Море. Целта е да се произведуваат четири милиони тони петро-хемиски производи годишно, што ќе му овозможи на Египет да стане и извозник. Тој проект ќе отвори 3.000 работни места во земјата каде што невработеноста е извор на социјални тензии.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија