X
 06.12.2023 Живот

Отровен гас кој се спалува при вадењето нафта загрозува милиони животи на Блискиот Исток

Токсичните материи што се ослободуваат при спалувањето на гасовите за време на вадењето нафта загрозуваат повеќе милиони луѓе отколку што претходно се мислеше, покажува истражување на Би-би-си.

Спалувањето на вишокот гас, кој се произведува при вадењето нафта, се врши насекаде во Персискиот Залив, вклучително и во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), кои се домаќини на Конференцијата на Обединетите нации (ОН) за климатски промени, која започна на 30 ноември.

Новото истражување покажува дека загадувањето се шири на стотици километри и го влошува квалитетот на воздухот во целиот регион. ОАЕ забранија палење на гасот пред 20 години, но сателитски снимки покажуваат дека тоа сè уште се прави и покрај можните здравствени последици за жителите на оваа и на соседните земји. Студијата го анализирала и загадувањето во Ирак, Иран и Кувајт.

Нафтените компании кои се одговорни или делумно одговорни за спалените полиња, вклучувајќи ги „Бритиш петролеум“ и „Шел“, велат дека работат на намалување на количината на изгорениот гас.

- И покрај огромното човечко страдање, големите нафтени компании и големите земји-производители на нафта продолжуваат да работат без да плаќаат никакви казни и без никаква одговорност - вели Дејвид Р. Бојд, специјален известувач на ОН за човекови права и животна средина.



Иако гасот не мора да се спалува бидејќи може да се собере и да се користи за производство на електрична енергија или за загревање на домовите, палењето сè уште се врши низ целиот свет. Меѓу загадувачите кои се ослободуваат при палењето на гасовите се суспендираните честички ПМ2,5, озон, азот диоксид и бензо(а)пирен.

Меѓународните експерти и Светската здравствена организација (СЗО) ги поврзуваат високите концентрации на овие загадувачи или постојаната изложеност на нив со мозочни удари, рак, астма и срцеви заболувања. На глобално ниво, палењето на гасот е главен извор на стакленички гасови кои ја затоплуваат планетата.

За да се добие целокупното ниво на загаденост, експерти за животна средина, во соработка со Би-би-си на арапски, ги комбинираа податоците за количината на ослободените штетни материи со количината на изгорениот гас, според податоци објавени од Светска банка. Потоа, со симулирање на моменталните временски услови, го процениле движењето на гасовите низ целиот регион.

Моделот покажа дека, на пример, три локации во близина на брегот на ОАЕ придонеле за загадување на воздухот во Дубаи и Абу Даби, кои се оддалечени стотици километри.

Извор: BBC
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот