20.11.2018
Образование
Студентите од Филмската академија во Охрид ќе го тужат МОН
Студентите од Филмската академија во Охрид ИФФА (FIOFA) ќе почнат правна постапка и ќе покренат заедничка, како и поединечни тужби против Министерството за образование и наука, јави МИА.
Во писмото тие посочуваат дека Министерството за образование и наука не ги исполнило, ниту испочитувало потпишаните договори, што резултирало со материјални штети што ги трпат студентите. Истовремено тие му забележуваат на МОН за дезинформирање и ненавремено информирање за ситуацијата, што резултира со тоа што речиси два месеца воопшто не се одвива настава во високообразовната институција.
Студентите на Академијата пред две седмици побараа одговори за тоа кога ќе почне наставата од тековната учебна година, но освен дека се работи на решавање на проблемот од МОН не пристигнала никаква информација, ниту известување за евентуално решение.
Тоа тие го оценуваат како несериозен однос од Министерството и државата, непочитување кон уметниците што дошле тука за дообразование.
Покрај најавените тужби, студентите од странските држави веќе ги информирале матичните амбасади во Македонија за ситуацијата, како и медиумите во нивните земји.
На Филмската академија во Охрид студираат стотина студенти и постдипломци од целиот свет, но оваа академска учебна година професорите од странство воопшто не доаѓаат во Охрид поради нивниот нерегулиран статус, бруцошите веќе два месеца се без настава, додека дипломците од првата генерација што веќе ги одбранија своите магистерски тези не можат да добијат диплома, иако ги завршија сите обврски што произлегуваа од нивните договори и студиските програми.
„Институт за филм - Филмска академија“ во Охрид беше отворена во ноември 2015 година, во соработка со Академијата за филм (ФАМУ) од Прага, а функционира како придружна членка на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.