X
 20.11.2018 Наука

Зошто не си ги слушаме сопствените чекори?

Ако некогаш сте стапнале во бара и сте си ги натопиле чевлите, веројатно следните неколку часа сте ги минале свесни за звукот кој го создавате со секој чекор. Но, вистината е дека вашите чекори создаваат звук, односно врева, без разлика дали чевлите ви се накиснати или не, само што вие не го забележувате тоа освен ако нема нешто невообичаено. Според неодамнешна студија од областа на невронауката, тоа е намерно. Заборавете на слушалките кои ја потиснуваат околната бучава - имате мозок кој исклучува бучава.

Идејата дека мозокот може да игнорира некои звуци во околината не е ништо ново. Всушност, тоа е клучно за нормално слушање. На пример, помагалата за слух мораат да користат филтри за да ја потиснат бучавата од околината, за оние кои ги носат да можат да го разберат говорот и да разликуваат други звуци. Без тоа, тие би слушале само неразбирлива какофонија. Сепак, мозокот има повеќе информации од помагалата бидејќи исто така е одговорен и за движењата на телото кои предизвикуваат бучава. Тоа значи дека знае кога да игнорира чекори, звук на дишење и џвакање... Уште поважно, може и да предвиди кога може да се случат овие звуци за да ги изигнорира во вистинскиот момент.

Но, научниците не биле сигурно точно како мозокот знае да ги игнорира тие звуци. За да дознаат, истражувачи од Универзитетот „Дјук“ и од Њујоршкиот универзитет направиле еден експеримент со лабораториски глувци. Ги ставиле на тркала и ги поврзале со систем за проширена реалност. На тој начин истражувачите можеле да ги контролираат звуците што ги слушале глувците. Тимот набљудувал колку брзо глувците трчале на тркалото и пуштале одредени тонови за да се совпаднат со темпото на нивните чекори.

По неколку денови, мозочните клетки во центарот за слух во мозоците на глувците престанале да реагираат на вештачките звуци - но само додека трчале.

Истражувачите веќе знаеле дека моторниот кортекс во мозокот ги активира невроните за потиснување на бучава во мозочниот центар за слух, но овој експеримент им покажал колку мозокот е прецизен за тоа. Штом глувците го научиле вештачкиот тон на чекори, нивниот моторен кортекс ги активирал невроните за потиснување бучава, но нивниот центар за слух се уште можел да слуша други звуци кои не биле поврзани со трчање. Истражувачите утврдиле и дека штом еднаш глувците го научиле звукот на трчање, тие станале подобри во детектирање на други звуци.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука