Велосипедист кој купува поскапа кацига не значи дека инвестира во поголема заштита при потенцијален судир, се вели во новото истражување за безбедноста на велосипедската кацига, кое не открило корелација помеѓу цената на кацигата и нивото на заштита што ја обезбедува.
Студијата била спроведена од Кралскиот колеџ во Лондон за да се открие колкава заштита обезбедуваат различните кациги и за да им се помогне на потрошувачите да ја изберат онаа со најдобра заштита.
- Досега имаше малку достапни информации за заштитата што велосипедистите може да ја очекуваат од кацигата во случај на удар со главата. Сепак, резултатите од претходните студии покажуваат дека може да се случи трајно оштетување на мозокот при сериозни несреќи или кога главата ќе се сврти ненадејно и брзо при удар - истакнала Клер Бејкер, водечки автор на студијата.
Истражувачите развиле едноставен нов безбедносен систем за оценување на велосипедските кациги, со лесно разбирливи оцени од нула до пет. Системот е дизајниран да им помогне на клиентите да изберат која кацига да ја купат.
Тимот ги испитал 30. најпопуларни кациги за возрасни на пазарот во Обединетото Кралство врз основа на комбинација од лабораториски тестирања, податоци од големите трговци на мало и анкети на над илјада велосипедисти. Сите кациги морале да ги поминат регулаторните стандарди. Цените и дизајните се разликувале многу, но резултатите покажале големи разлики во перформансите без корелација со цената и нивото на заштита. Кацига што чини 150 евра, на пример, не се покажала подобро на тестовите од кацига што чини околу 50 евра.
Сите кациги што се продаваат во Европа мора да ги исполнуваат минималните безбедносни стандарди, вели д-р Бејкер.
Се очекува во иднина тестирањето да вклучи и детски шлемови.
- Науката за биомеханика на мозокот значително напредна и сега знаеме многу повеќе за тоа како најдобро да ја заштитиме главата од сериозни повреди или долгорочни ефекти од удари. Ги споделивме нашите наоди со производителите на кациги и одговорните за поставување безбедносни критериуми, за да може индустријата да работи на производи кои обезбедуваат најдобра можна заштита. Веруваме дека овие оцени ќе доведат до понатамошни подобрувања во дизајнот на кацигата и ќе обезбедат подобра заштита од низа повреди на главата и мозокот кај велосипедистите, кои ќе паднат од велосипедот - истакнал Маздак Гаџари, еден од постарите автори на студијата.
Извор: forbes.n1info.hr
Фото: Freepik