Мал, евтин сензор би можел да спаси животи вклучувајќи аларм секојпат кога децата или домашните миленичиња остануваат сами во возилата.
Новиот уред, развиен од истражувачи од Универзитетот во Ватерло, комбинира технологија на радар со вештачка интелигенција за откривање деца или домашни миленичиња без надзор со точност од 100 отсто.
Уредот е со дијаметар од само 3 сантиметри и е дизајниран да биде прикачен на ретровизорот на возилото или на горниот дел од возилото. Уредот испраќа сигнали што се рефлектираат од луѓе, животни и предмети во возилото. Вградената вештачка интелигенција потоа ги анализира рефлектираните сигнали.
- Ова е сериозен, светски проблем - вели Џорџ Шејкер, професор-инженер во Ватерло. Неговиот систем е толку достапен, што може да стане стандардна опрема кај сите возила.
Фото: University of Waterloo
Развојот на безжичниот сензор во форма на диск беше финансиран делумно од голем производител на автомобилски делови, чија цел е да го донесе на пазарот до крајот на 2020 година. Анализата на уредот го одредува бројот на патници и нивното место во возилото. Примарната цел на уредот е да открие кога детето или домашното милениче е случајно или намерно оставено во возилото, сценарио што може да резултира со сериозно оштетување или смрт при екстремно топло или студено време.
Во вакви случаи системот би спречил заклучување на вратите од возилото и би вклучил аларм за предупредување на возачот, патниците и другите луѓе во околината дека постои проблем.
- За разлика од камерите, овој уред ја зачувува приватноста и нема слепи точки затоа што сигналот може да помине низ седиштата за да утврди дали има бебе на задното седиште - рече Шејкер.
Уредот со мала моќност, кој работи на батеријата на возилото, прави разлика помеѓу живи суштества и неживи предмети откривајќи суптилно движење или дишење.
Истражувачите сега ја истражуваат употребата на таа можност да се следат виталните знаци на возачите за индикации за замор, одвлекување на вниманието, заболување или други проблеми.