Универзитетите, стартап-компаниите и корпорациите треба и може да соработуваат во соочување со новите предизвици е заклучок од панел-дискусијата „Креирање идеи, истражување, трансфер на технологија - како универзитетите и стартап-компаниите може да ги трансформираат корпорациите“. Панел-дискусијата ја организираа Бизнис-акцелераторот УКИМ и Центарот за трансфер на технологии и иновации - ИНОФЕИТ во рамките на Глобалната недела на претприемништвото, овозможено од Стартап Македонија.
Извршниот директор на „Кримсон капитал“ и претседател на развојната Фондација „Кримсон“, Мајкл Голд, потенцираше дека се соочуваме со многу невидени предизвици.
- Глобалната пандемија, неколку глобални економски шокови и политички кризи во многу земји, нè оставаат да се прашуваме што е следно. Со неодамнешниот развој на вакцини може да видите дека развојот и истражувањето се претворија во комерцијализирани производи и услуги, всушност помагаат да се надминат сегашните и идните предизвици. Соработката меѓу универзитетите, истражувачките лаборатории, бизнисите и владите овозможува комерцијализирање на истражувачките проекти - рече Голд.
За професор Владимир Атанасовски, извршен директор на Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ, академските институции имаат поголема слобода во истражувањето отколку компаниите.
- Кога станува збор за истражување, универзитетите и другите академски средини/институции имаат поголема слобода отколку компаниите да истражуваат, да развиваат, да дизајнираат, да создаваат прототипови и да тестираат специфични решенија. Токму и улогата на ИНОФЕИТ е да ја зајакне соработката меѓу академијата и индустријата, така што нема да наоѓаме решенија за непостојни проблеми и всушност работиме на проблеми во реалниот свет кои можат да бидат корисни за некого - додаде Атанасовски.
Според него, универзитетите имаат корист од соработката со компаниите, односно како оптимален модел, финансирањетo на нивните истражувања да произлегува од приватниот и од јавниот сектор.
Матеја Лавриќ, извршен директор на „Колектор вентурс“ (инвестициски фонд на Колектор) од Словенија, потенцираше дека не е важно колку е голема одредена компанија затоа што и таа не може се да развие самостојно.
- Колку и да е голема компанијата, не може сè сами да развиете. Поврзувањето со академските институции, другите компании (дури и конкурентите) и високотехнолошките стартапи е клучно за одржување на конкурентската позиција. Нашата компанија работи со универзитети и истражувачки институти во последните 20-25 години. Имаме силно внатрешно истражување и развој, но тоа едноставно не е доволно - рече таа.
- Прво треба да препознаеме проблем што може да се реши. Доколку тој проблем се реплицира во различни области или индустрии и може да се реши, тогаш имаме вистински случај како решението може да биде на вистинскиот пат да стане иновација и да се комерцијализира - објаснува Ѓорѓи Маџаров, коосновач и извршен директор на „Елевејт глобал“.
Во време на голема конкуренција, стартапите немаат време да пријавуваат патенти. Постојат други видови заштита, вклучувајќи и нивната лична експертиза, што би им овозможило што побрзо да излезат на пазарот и така да се заштитат од конкуренцијата, заклучи Антони Леви, функционер за надворешни односи и поддршка на истражување и иновации во Кабинетот на претседателот, Холон институт за технологија (ХИТ).
На панел-дискусијата учествуваа околу 40 претставници на образовни компании, на институции, старта- заедницата, невладиниот сектор и студенти.