X
 20.11.2021 Наука

Ова е втората жена во светот излекувана од ХИВ благодарение на нејзиниот имунолошки систем

Триесетгодишна Аргентинка е втората документирана личност чие тело само го елиминирало ХИВ-вирусот.

Скенирањето на повеќе од 1 милијарда клетки на жената не открило одржлив вирус, иако во поголемиот дел од времето таа не била на антиретровирусна терапија наменета да го спречи вирусот да се реплицира.

Наодот ја зголемува можноста дека имунолошкиот систем на една личност во ретки случаи може да обезбеди лек и да го елиминира вирусот кој способен да се копира.

- Ова што се случи е уникатно. Не гледаме дека таа го контролира вирусот, туку нема вирус во неа, а тоа е нешто сосема друго - вели Стивен Дикс, истражувач за ХИВ на Универзитетот „Калифорнија“ во Сан Франциско.

Истражувањето, објавено во понеделникот во списанието „Аналс оф интернал медисин“, придонесува за истражување со големи импликации за 37,7 милиони луѓе низ светот што живеат со ХИВ. ХИВ се пренесува преку телесни течности, обично по незаштитен секс или споделување игли.

hiv
Лорен Виленбер/Фото: Screenshot/YouTube

Иако за ХИВ нема лек, вирусот успешно бил елиминиран кај три лица што имале трансплантација на матични клетки за лекување рак. Но, трансплантацијата е опасна и често полна со компликации, што ја прави нереална алатка за лекување болест што може да се лекува со таблети и неодамна одобрена инјекција.

Научниците бараат лек за ХИВ преку четири главни гранки на истражување: активирање на имунолошкиот одговор на телото на вирусот, генска терапија, „шок-и-убиј“ обиди за да се шокира вирусот од клетките за да може имунолошкиот систем да се обиде да го искорени, и напорите за „блокирање и заклучување“ на вирусот да се задржи во клетките за да не може да се реплицира.

Триесетгодишната жена е втор ваков забележан случај. Пред неа светот дозна за 67-годишната Лорен Виленберг од Сан Франциско, на која ХИВ првпат ѝ бил откриен пред 37 години.

Дикс, кој работел на студија за Виленберг минатата година, рече дека и двете жени можеби биле излекувани бидејќи имале невообичаено моќни Т-клетки, компонента на имунолошкиот систем на телото. Разбирањето на тој механизам може да биде клучно за развој на терапевтски вакцини кои би можеле да го исчистат ХИВ без негативни долгорочни последици.

Исто така, можно е Аргентинката да развила имунолошки одговор специфичен за ХИВ пред да се зарази бидејќи нејзиниот партнер умрел од сида. Истражувачите би можеле да ги искористат клетките на жената за да го реплицираат нејзиниот имунолошки систем кај глувците и да ги проучат ефектите од инфицирањето на глодачите со ХИВ.

Неименуваната Аргентинка би можела да биде додадена на листата со излекувани пациенти со ХИВ заедно со Тимоти Реј Брауни од Берлин и Адам Кастелеј од Лондон, кои го немаат повеќе вирусот, но по долги години терапија.

Аргентинката ја добила дијагнозата за ХИВ во март 2013 години. Во текот на осум години следење, напишаа истражувачите, 10 теста не откриле забележливи нивоа на вирусот во нејзината крв или ткиво. Таа не примала антиретровирусна терапија сè до нејзината бременост. Жената ја прекинала терапијата откако родила бебе без ХИВ, а истражувачите рекоа дека сè уште не можат да го откријат вирусот во нејзиното тело. Научниците навистина пронајдоа фрагменти од ХИВ, што укажува дека таа претходно била заразена и дека вирусот се реплицирал.

Истражувачите велат дека не можат да докажат дека жената е излекувана, но велат дека е голема веројатноста. Во студијата жената е наречена „пациентка од Есперанца“, според градот во Аргентина од каде што потекнува.

„Есперанца“ е шпански збор за „надеж“.

- Во согласност со нејзините желби, предлагаме да ја нарекуваме „пациентка од Есперанца“ за да испратиме порака на надеж за изнаоѓање лек за ХИВ-1 - пишуваат истражувачите.

Извор: Washingtonpost.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука