X
 08.10.2019 Наука

Отворено писмо од 60 научници повикува на помалку месо и млечни производи во училиштата и во болниците

Повеќе од 60 научници од 11 земји потпишаа отворено писмо во кое ги повикуваат владите во светот да ги намалат количините на месо и млечни производи што се служат во училиштата и во болниците.

Писмото ги повикува градоначалниците да преземат нешто за да ги намалат животинските производи во јавните кантини како дел од потегот за одржување безбедна клима и планета.

Во моментов емисиите на добитокот - вклучувајќи го и поврзаното влијание врз шумите - учествуваат со 14,5 отсто од глобалните емисии на стакленички гасови. Ова е еквивалентно на сите автомобили, возови, бродови и авиони заедно.

Во писмото се вели дека намалувањето на побарувачката за месо и млечни производи, како и намалувањето на отпадот од храната, ќе биде клучно во решавањето на климатската криза.

meso

Професорот Пит Смит од Универзитетот во Абердин, главен автор на извештаите од Меѓувладиниот панел за климатските промени на Обединетите нации, е и предводник на писмото.

- Јадењето помалку месо и млечни производи во растечките градови е начин да се справиме со климатската итност. Градовите може да играат клучна улога во помагањето на граѓаните да ја намалат потрошувачката на животински производи и да се овозможат потребни промени за да се исполнат амбициозните цели за климатските промени - вели тој.

Минатата година истражувачите од Универзитетот во Оксфорд откриле дека намаленото консумирање месо и млечни производи во исхраната на индивидуата го намалило отпечатокот на јаглерод до 73 проценти.

Според извештајот на „И-еј-ти-Лансет“, човештвото треба да го намали внесот на месо за околу 90 отсто за да остане во одржливи граници. Светскиот фонд за истражување на ракот препорачува целосно избегнување на преработено месо поради неговите канцерогени својства.

- Како што научниците работат за јавно добро, подготвени сме да ви обезбедиме дополнителни научни докази за овие важни теми во пресрет на Светскиот самит на градоначалниците и собирот за урбанистичка политика за храна во Милано - пишува во писмото.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука