X
 19.02.2019 Живот

Откриен виновникот поради кој сѐ повеќе луѓе веруваат дека Земјата е рамна

Истражувачи веруваат дека го идентификувале главниот двигател на зачудувачкото зголемување на бројот на луѓе што мислат дека планетата Земја е рамна, а тоа е „Јутјуб“, платформата на „Гугл“ за споделување видеоснимки.

Како што пренесуваат западните медиуми, биле направени интервјуа со 30 учесници на конференција на движење кое ги собира луѓето што веруваат дека Земјата е рамна и притоа бил откриен образец во приказните на луѓето кои зборувале за тоа дека се увериле дека Земјата има форма на диск.

Повеќето испитаници рекле дека не сметале оти Земјата е рамна до пред две години, но дека се премислиле откако гледале видеа на „Јутјуб“ во кои се промовира оваа теорија.

Било утврдено дека мнозинството испитаници гледале снимки за други „заговори“ кога „Јутјуб“ им понудил да гледаат видеозаписи „Рамна Земја“.



Ешли Ландрум, која го водела истражувањето на Универзитетот во Тексас, истакнува дека една од најпопуларните такви снимки е „200 докази дека Земјата не е топка што се врти“.

Ландрум истакна дека не мисли оти „Јутјуб“ направил нешто погрешно, но дека ако сака да помогне, може да потсети на поточни информации.

- Верувањето дека Земјата е рамна не е штетно само по себе, но води до недоверба во институциите и власта. Секогаш ќе постои мал процент на луѓе што ќе го отфрлаат сето она што го изнесуваат научниците, но можеби постои група во средина која нема да го прави тоа. Единствената алатка што ја имаме во борбата против дезинформациите е да се обидеме да го преплавиме „Јутјуб“ со подобри информации - истакна таа и ги повика научниците да поставуваат снимки за да се борат со големиот број заговорнички видеа.

Од „Гугл“ не сакале да го коментираат сето тоа.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот