Познати брендови ги повлекуваат рекламите од „Јутјуб“ поради загриженост дека потенцијални сексуални „предатори“ се собираат во коментари под видеата на кои се прикажани деца.
Како одговор на губењето рекламирачи, „Јутјуб“ избриша повеќе од 400 канали и забрани коментирање на десетици милиони видеоклипови со цел да го исчисти системот од педофили.
Педофилите се собираат кај коментарите
Таа контроверзна претпоставка ја даде Мет Вотсон, поранешен вработен во „Јутјуб“, кој оваа појава ја нарече „софт кор (soft core) педофилски синџир“.
- Педофилите комуницираат меѓу себе во коментари и разменуваат линкови за илегална порнографија. Тие оставаат линкови до вистинска детска порнографија во коментарите на „Јутјуб“ - изјави Вотсон во видеосоопштение кое го погледнале милиони корисници. Тој додаде дека алгоритамот на „Јутјуб“, поради некои грешки, дури и ја олеснува таквата размена.
Големи брендови ги повлекоа своите реклами
Неодамна, „Дизни“, „Нестле“ и „Епик гејмс“ ги повлекоа своите огласи од „Јутјуб“, кој е во сопственост на „Гугл“. Потоа истото го сторија и „Ат&Т“ и „Хасбро“
- Сè додека „Гугл“ не може да го заштити нашиот бренд од навредлива содржина од каков било вид, ние ги повлекуваме сите реклами од „Јутјуб“ - се наведува во соопштението на „Ат&Т“.
Четиристотини часа видеоматеријал секоја минута
Ваквите проблеми не се реткост на интернет-платформите на кои се објавуваат многу содржини. Од „Јутјуб“ наведуваат дека секоја минута се објавуваат околу 400 часа видеоматеријал и дека компанијата има вработено околу 100.000 луѓе кои ги прегледуваат непристојните содржини.
Фото: Pixabay
Отстранети милион сомнителни коментари
Од „Јутјуб“ настојуваат да ги уверат другите компании дека прават сè што е во нивна моќ за да ги заштитат децата.
- Безбедноста на децата беше и останува наш приоритет - се наведува во соопштение испратено до најголемите брендови.
„Јутјуб“ минатата недела отстрани милиони сомнителни коментари.
Вотсон во својата видеообјава појасни како функционира педофилскиот синџир. Педофилите се собираат под видеата во кои девојчињата прават вообичаени работи, на пример, шминкање. Потоа во коментарите објавуваат линкови кои водат до видеоснимки со деца кое се „сексуализирани“.
Ја наплаќаат „сексуалната експлоатација на децата“
Јутјуб-алгоритамот потоа му нуди на корисникот други видеоснимки што ги посетуваат педофилите. Вотсон тврди дека на корисникот потоа му се нудат само такви содржини, а на некои од нив има и реклами.
И претходно се доведуваше во врска со педофили
Ова не е првпат „Јутјуб“ да се обвинува за ваква работа. Во 2017 година „Тајмс оф Лондон“ објави дека рекламите на некои од најголемите брендови се објавуваат на видеоснимки каде што има деца кои се разголени и така привлекуваат коментари на многубројни педофили.
Исто така, истата година Би-би-си објави дека системот на „Јутјуб“ за пријава на сексуални коментари не работи повеќе од една година.
НПР, пак, откри дека на „Јутјуб“ доколку во пребарување напишете „како да се има“, тоа автоматски ви сугерира продолжување на „секс со деца“.
Извор: МИА