Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, како грански синдикат и член на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС, на 15 април годинава ќе земе активно учество на социјалниот протест во организација на КСС. СОНК, информираат оттаму, ги поддржува барањата на најголемиот синдикат во јавниот сектор и смета дека поради немање слух на надлежните, односно на социјалните партнери на сите нивоа, заштитата на сопствените интереси, во согласност со законите и колективните договори, мора да ги бара преку искажување на јавно незадоволство, односно преку предупредувачки протест.
Протестот ќе се одржи со автомобили заради заштита од коронавирусот и за заштита на безбедноста и здравјето на учесниците.
- Како наши легитимни синдикални барања кои ги поставивме се следните: почитување на законите од областа на трудовото право, барање за неодложно постапување на институциите при прекршување на законите, да се запре притисокот врз синидикалното организирање и синдикалните лидери. Сите овие барања и активности се во насока на подобрување на социо-економскиот статус на нашите членови и на сите работници во нашата држава - информираа од КСС.
Насловна фотографија: СОНК