X
 21.01.2022 Живот

Патувањата и омикрон ги наполниja лабораториите за тестирања за ковид

Според податоците од МВР, лани во декември во земјава влегле 582.720 странски и домашни државјани, а излегле 475.366 лица

Празничните патувања и појавата на омикрон го зголемија бројот на тестирања за ковид-19, велат од Институтот за јавно здравје. Епидемиолозите, сепак, не располагаат со податоци за причините за тестирање, односно колку од нив се направени за патувања, кои беа наметнати со правилата за влез што секоја држава ги постави, а колку се затоа што се сомневаат дека се болни или дека се инфицирани.

- Тестираните во пунктовите, закажани од матичните лекари, би требало да се лица кои се со симптоми, но за другите тестирања, направени во приватните лаборатории, не се бара да се наведе причина за тестот - велат од Институтот за јавно здравје.

Според податоците од Министерството за здравство, зголемување на бројот на тестирања се забележува од минатиот месец затоа што имаше повеќе денови кога се правеа од 3.000 до 5.000 тестирања дневно. Има денови кога се прават меѓу седум и осум илјади тестирања, кои потврдија дека е зголемен бројот на заболени од ковид-19.
Во првите десет дена од јануари направени се 67.534 теста во државните и во приватните болници и лаборатории низ земјава. Од нив само 7.319 теста се направени во лабораториите на јавните здравствени установи, а 28.290 во приватни лаборатории. Преостанатите 31.925 се брзи тестови кои се направени во јавното и во приватното здравство. Како што веќе пишуваше Факултети.мк, за тестовите направени во приватните лаборатории во првите десет дена од овој месец граѓаните потрошиле околу милион евра.

Новите правила што некои држави веќе ги поставија и со кои се бара задолжителен ПЦР-тест без оглед дали некој е вакциниран или не, според Министерството за внатрешни работи, придонесоа за зголемување на бројот на тестирањата.



Според податоците од МВР, лани во декември во земјава влегле 582.720 странски и домашни државјани, а излегле 475.366 лица.
- Од први до 10 јануари 2022 година влез во Македонија оствариле 186.661 лице, а излез 217.608 лица, домашни и странски државјани - велат од МВР.

Според правилата за влез во Македонија, луѓето треба да имаат сертификат за вакцинација, доказ за прележаност или негативен ПЦР-тест. Од МВР велат дека не располагаат со податоци колку од домашните и странските државјани што влегле и излегле од земјата имале сертификат за прележаност или вакцинација, а колку патувањето го оствариле со ПЦР-тест.

- Таква евиденција не водиме. Ако пред празниците биле големи бројките на тестирањата за ковид-19, може да се каже дека тоа е заради патувањата, а сега веројатно на тоа влијае и поголемиот број на заболени - велат од МВР.
Со една доза вакцина против ковид-19, според податоците од ИЈЗ, досега се вакцинирани 862.972 луѓе, со две дози 838.997, а трета доза примиле 117.525 граѓани.

Расте бројот на заболени од омикрон, кој брзо се шири, велат епидемиолозите

Шабан Мемети, директор на Институтот за јавно здравје, вели дека сè повеќе од новодијагностицираните случаи на заразени со коронавирусот се со варијантата омикрон, но дека за среќа таа е со полесна клиничка слика од другите варијанти.

- Варијантата омикрон ќе почне да доминира, има голема трансмисија, но за среќа вирулентноста е мала, па новозаболените најчесто се со полесна клиничка слика - вели Мемети.

Од ИЈЗ велат дека според податоците од „Мој термин“, од вкупно 16.397 активни случаи со ковид 62.166 се асимптоматски, а другите се со симптоми. Досега од заболените со ковид-19 во земјава 3.380 се реинфицирани, односно повторно заболеле од ковид-19.

Податоците од Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ покажуваат дека брзо расте бројот на заразени со варијантата омикрон.

- Во периодот од 5 до 10 јануари 2022 во нашата лабораторија е направено тестирање на вкупно 248 позитивни примероци на SARS-CoV-2, а во 161 од нив или 65% е детектирана омикрон-варијантата - велат од ИЈЗ.



Симптомите на омикрон се покачена телесна температура, кашлица, слабост, главоболка, болка во грло, мускулна болка и течење на носот.

Во лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика досега се регистрирани пет инфекции со грип и ковид-19 истовремено.

- За побрзо завршување на пандемијата, сите треба да се однесуваме одговорно и да ги почитуваме мерките, како и да се вакцинираме бидејќи тоа е најдобрата мерка да се заштитиме себеси, а и тие околу нас - препорачуваат епидемиолозите од ИЈЗ.
Подготвил: Елица Бочваровска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот