16.02.2021
Здравје
ИЈЗ: Зголемување за 5,3% на бројот на новозаразени, а намалување од 34,8% на бројот на починати во изминатата недела
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 8 до 14 февруари се тестирани вкупно 16.299 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 13,2%, во однос на минатата недела, соопшти Министерството за здравство.
Регистрирани сe 2.232 нови позитивни случаи од 33 града во државата со зголемување од 5,3%, во споредба со минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=953; 42,7%), со неделна инциденца од 154,3/100.000. Највисока неделна инциденца од 425,2/100.000 е регистрирана во Кавадарци.
Процентот на позитивност се движи од 6,8 до 16,6%, просечно 12,9%. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (n=583, 26,1%). Голем број заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30 до 39 (n=416; 18,6%), од 40 до 49 (n=408; 18,3%), од 50 до 59 (n=379; 17,0%) и од 20 до 29 години (n=276; 12,4%). Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 (n=53; 2,4%) и од 10 до 19 години (n=117; 5,2%).
По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 2.519 лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 24,2% помалку во споредба со минатата недела.
Пријавени се 43 смртни случаи од 14 града, со намалување од 34,8% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 38 лицa биле над 60 години, 4 лица на возраст од 50 до 59 години и едно лице на возраст од 40 до 49 години.
Согласно анализите од МАНУ, во последниот период се детектирани поголем број нови варијанти, кои претходно не беа присутни кај пациентите во нашата држава, што може да укажува на внес на нови случаи на Ковид-19 од странство.