Научниците идентификуваа едноставен, практичен тест за предвидување на здравјето на вашето срце.
Во едно ново истражување предводено од Универзитетот „Харвард“ истражувачите откриле дека способноста на мажите да направат повеќе од 40 склека е поврзана со значително помал ризик од сериозни проблеми со срцето во текот на наредните 10 години - во некои случаи и намален ризик од дури 96 отсто.
- Нашите наоди обезбедуваат докази дека капацитетот за правење склекови е лесна метода за процена на ризикот од кардиоваскуларни болести во речиси сите услови - вели Џастин Јанг од школата за јавно здравје - Чан при Универзитетот „Харвард“.
- Изненадувачки, капацитетот за правење склекови е силно поврзан со ризикот од кардиоваскуларни заболувања повеќе отколку резултатите од субмаксималните тестови на лента за трчање - додава тој.
Фото: Pexels
Се разбира, способноста да се направат 40 склека обично укажува на високо ниво на физичка кондиција, особено кај средовечните мажи, група што ја анализирале истражувачите.
Не е новост веста дека физичката способност го намалува ризикот од кардиоваскуларни болести, но она што е ново и корисно е способноста да се предвидат ваквите здравствени проблеми со таков едноставен, универзален тест - и тоа со многу поголема прецизност отколку скапата опрема како што се лентите за трчање.
Не дека резултатите што ги добиле истражувачите секогаш се однесуваат за сите. Во истражувањето Јанг и неговиот тим проучувале група од 1.104 активни мажи пожарникари, со просечна возраст од 39,6 години на почетокот на истражувањето. Овие учесници биле анализирани во период од една деценија.
Во текот на 10-годишното истражување 37 од овие мажи доживеале срцева слабост, ненадејна смрт од инфаркт или им била дијагностицирана коронарна артериска болест. Но, она што е интересно е дека сите 36 од нив можеле да направат над 40 склека за време на нивниот основен физички преглед на самиот почеток од истражувањето.
Општо земено, тимот забележал пониски ризици за кардиоваскуларни болести кај сите групи со поголем капацитет за правење склекови. Тоа значи дека ако можете да направите над 40 склека, резултатите ве ставаат во многу поздрава група во споредба со оние чиј капацитет е понизок.
- Учесниците што можеа да направат повеќе од 40 склека имаа 96 отсто намалување на ризикот од кардиоваскуларни болести во споредба со оние што направиле помалку од 10 склека - пишуваат авторите.
Вреди да се напомене дека мажите пожарникари не се репрезентативни за другите луѓе, па резултатите овде не мора да се репродуцирани кај другите луѓе. Но, сепак, станува збор за наод што ќе се разгледува во понатамошни истражувања, особено затоа што ова е релативно лесен клинички тест што лекарите можат да го применат кај нивните пациенти.
Ако се прифатат наодите, тестот би можел да биде подложен на едноставно приспособување на физичките прегледи на пациентите кои веќе ги тестираат нивните нивоа на фитнес. Приспособувањето би можело да биде едноставно, а науката очигледна.
- Капацитетот за склекови е позитивно поврзан со аеробниот капацитет и
физичката кондиција - вели еден од авторите на истражувањето.
- Овие видови објективни функционални маркери генерално се добри индикатори за смртност - додава тој.