X
 17.05.2017 Здравје

Тивкиот убиец број еден: хипертензија!

Светскиот ден на хипертензија, 17 мај, за прв пат е воведен во 2005 година и има за цел унапредување на јавната свест за хипертензијата и поттикнување на граѓаните на превенција и контрола на овој тивок убиец.

Речиси секој трет човек на планетава има покачен крвен притисок, што значи дека вредноста на измерениот артериски притисок е над нивото од 140/90, а особено загрижува фактот дека зачестеноста на хипертензијата расте и кај децата и младите. Хипертензијата денес се смета за „светски убиец број еден“, а кардиоваскуларните болести се водечка причина за смртност кај светската популација.

Податоците покажуваат дека 60 проценти од лицата кои страдаат од хипертензија примаат лекарства и добиваат соодветни лекарски препораки, но само кај 20 проценти од нив  се постигнува ефикасна контрола на крвниот притисок.

Причини за појава на хипертензија и фактори на ризик се прекумерната телесна тежина, намалената  телесна активност, прекумерна конзумација на кујнска сол во храната, пушењето, претераното користење на алкохол, но и дијабетисот и оштетувањата на бубрезите.

Се проценува дека 90 проценти од случаите кои покажуваат знаци на вакво заболување можат да се превенираат со намалување на ризик-факторите и откажување од лошите навики: со здрава и контролирана исхрана, со соодветна физичка активност и вежбање, избегнување на пушењето и ограничување на конзумацијата на алкохол.  

Денес постојат современи лекарства за лекување на хипертензијата како и ефикасни интервенциски методи. Кај констатираните случаи на зголемен крвен притисок, задолжително треба да се земаат пропишаните лекарства и терапија, за состојбата да се држи под контрола.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје