Да се лекувате во јавното, државно здравство, доколку имате здравствено осигурување, значи дека здравствените услуги ги добивате на сметка на државата, но со плаќање партиципација за најголем дел од нив. Овој надоместок за поголеми здравствени интервенции може да биде и повисок. Меѓутоа, има максимална сума до која треба да изнесува партиципацијата.
Колку може да изнесува највисоката партиципација за услуга?
Согласно Одлуката за утврдување на висината на учеството на осигурените лица во вкупните трошоци на здравствените услуги и лековите, највисок износ на партиципација во специјалистичко-консултативна и болничка здравствена заштита, согласно утврдените референти цени, е 6.000 денари, објаснуваат од Фондот за здравствено осигурување.
Кога сте ослободени од партиципација?
Осигурените лице што во текот на една календарска година платиле учество во специјалистичко-консултативната и болничката здравствена заштита во износ повисок од 70% од просечната месечна нето-плата остварена во Републиката во претходната година, се ослободуваат од плаќање учество при натамошно користење здравствени услуги, освен за лековите од Листата со лекови издадени на рецепт во примарната здравствена заштита и за лекување во странство. Ако се земе предвид дека просечната плата минатата година се движеше околу 27.000 денари, тогаш од плаќање треба да бидат ослободени осигурениците што во текот на една календарска година платиле за партиципација повеќе од 19.000 денари.
Исто така, осигурениците чиј месечен приход во семејството е помал од просечната нето-плата остварена во земјава претходната година, кои во текот на една календарска година платиле учество во специјалистичко-консултативната и болничката здравствена заштита во износ повисок од 40% од просечната месечна нето-плата (остварена во земјата во претходната година), се ослободуваат од плаќање учество при натамошното користење здравствени услуги, освен за лекови од Листата со лекови издадени на рецепт во примарната здравствена заштита и за лекувањето во странство.
Осигурените лица чиј месечен приход во семејството е помал од 60% од просечната нето-плата во државата во претходната година, кои во текот на една календарска година платиле учество во специјалистичко-консултативната и болничката здравствена заштита во износ повисок од 20% од просечната месечна нето-плата остварена во Републиката во претходната година, се ослободуваат од плаќање учество при понатамошното користење здравствени услуги, освен за лековите од Листата со лекови издадени на рецепт во примарната здравствена заштита и за лекувањето во странство.
Осигурените лица, деца од 1 до 5 години возраст, за кои во текот на една календарска година е платено учество во специјалистичко-консултативната и болничката здравствена заштита во износ повисок од 20% од просечната месечна нето-плата остварена во Републиката во претходната година, се ослободуваат од плаќање учество при натамошно користење здравствени услуги, освен за лековите од Листата со лекови издадени на рецепт во примарната здравствена заштита и за лекувањето во странство.
Исто така, осигурените лица, деца од 5 до 18 години возраст и лица постари од 65 години, кои во текот на една календарска година платиле учество во специјалистичко-консултативната и болничката здравствена заштита во износ повисок од 40% од просечната месечна нето-плата во земјава во претходната година, се ослободуваат од плаќање учество при натамошно користење на здравствени услуги, освен за лековите од Листата со лекови издадени на рецепт во примарната здравствена заштита и за лекување во странство.
Ослободувањата се вршат со поднесување барање на соодветен образец кој е објавен на веб-страницата на Фондот за здравствено осигурување од страна на самото осигурено лице во подрачните служби на Фондот, за што се изготвува решение, врз основа на вкупниот приход во семејството и вкупниот износ на платеното учество за користени здравствени услуги во специјалистичко-консултативната и болничката здравствена заштита.
Кој може да се лекува бесплатно?
Од Фондот велат дека според членот 34 од Законот за здравствено осигурување, од партиципација можат да се ослободат повеќе категории граѓани во земјава. Тие се:
- Осигурените лица за лекарски преглед кај матичниот лекар и итна медицинска помош на повик;
- Децата со пречки во развојот и со специфични потреби, според прописите за заштита на децата (детска заштита);
- Корисници на гарантирана минимална помош, кои се лица неспособни за работа, и корисници на вонсемејна заштита, според прописите за социјална заштита, освен за лековите од Листата со лекови издадени на рецепт во примарната здравствена заштита и за лекување во странство;
- Ментално болни лица сместени во психијатриски болници и лица со интелектуална попреченост без родителска грижа;
- Осигурени лица кои доброволно дарувале крв, според програмата која се однесува на доброволното дарување крв, донесена согласно Законот за здравствената заштита;
- Осигурени лица кои доброволно дарувале ткиво или орган, според програмата донесена согласно Законот за здравствената заштита;
- Осигурените лица кои се корисници на правото за биомедицинско потпомогнато оплодување за здравствените услуги извршени во постапките на биомедицинско потпомогнато оплодување спроведени со автологно оплодување и алогенетичко оплодување за прво, второ, трето и четврто дете, најмногу до трет неуспешен обид за оплодување.