Дијабетесот (дијабетес мелитус) е хронично метаболно заболување кое се карактеризира со покачено ниво на глукоза во крвта поради недоволно лачење на хормонот инсулин во панкреасот или поради намалената осетливост на клетките на инсулин.
Видови дијабетес:
Дијабетес мелитус тип 1 е автоимуно заболување кога имунолошкиот систем ги напаѓа клетките на панкреасот, со што панкреасот произведува помалку или воопшто не произведува инсулин. Се јавува во млада или детска возраст иако може да се појави и во секоја возраст и се развива многу брзо, некогаш и за неколку дена.
Дијабетес мелитус тип 2 е и најчестиот тип на дијабетес кој се јавува поради неосетливоста на клетките кон инсулин. Се јавува најчесто по 40. година и е поврзан и со дебелина, покачен холестерол, триглицериди и висок притисок. Обично се развива постепено и е потребно повеќе време за да се дијагностицира
Гестациски дијабетес - се јавува најчесто во втор триместар од бременоста поради хормонски промени и може со породувањето да исчезне или да остане како дијабетес тип 2.
Дијабетесот е една од најчестите болести на современото општество. Денес во светот се претпоставува дека над 200 милиона луѓе се заболени од дијабетес, а до 2025 година се очекува тој број да се дуплира. И во Македонија дијабетесот е многу често заболување од кое се заболени околу 120.000 лица.
Преваленцата на дијабетесот е тесно поврзана со гојазноста, која е присутна во земјите со висока индустријализација, како и во земјите во развој и која е најтесно поврзана со појавата на дијабетес.
Околу 90% од сите заболени со дијабетес се болните со дијабетес тип 2. Најголема инциденца е на возраст од 65 до 74 години, иако во последните години и таа граница се поместува кон помлада популација.
За порастот на зачестеноста на дијабетесот голема улога игра зголемениот внес на калории во исхрана (заситени масти, јаглехидрати), седентарен начин на живот (намалена физичка активност), дебелина, алкохол, пушење и други штетни навики, како и генетска предиспозиција.
Најчести симптоми на дијабетес:
Зголемено чувство на жед
Зачестено уринирање и будење навечер за да се мокри
Необјаснето губење на телесна тежина
Зголемена потреба за храна, особено благо,
Замор, премаленост,
Проблеми со вид,
Чести инфекции (уринарни, кожни, на непце, вагина, мочен меур),
Потешко затворање на рани
Дигестивни нарушувања
Дијагноза на дијабетес тип 2:
Покачено ниво на глукоза над 7 ммол/л измерена во два наврати ја потврдува дијагнозата дијабетес, како и при правење тест со оптоварување со глукоза и измерено два часа по оптоварување 11 ммол/л или повеќе ја потврдува дијагнозата дијабетес. Вредноста на глукозата од 6,1 до 7 ммол/л на гладно или над 7,8 до 11 ммол/л по оптоварување со глукоза се нарекува нарушена глукозна толеранција или преддијабетес.
Тестот со оптоварување со глукоза се прави со претходна подготовка на пациентот.
Компликациите на дијабетес се развиваат постепено. Колку подолго имате дијабетес и колку помалку го контролирате шеќерот во крвта, толку е поголем ризикот од појава на компликации. Со текот на времето компликациите од дијабетесот може да доведат до губење на одредена способност или да бидат фатални. Можни компликации се:
Два пати поголем ризик од зголемен крвен притисок
Два до четири пати поголем ризик од кардиоваскуларни заболувања, како и од мозочен удар
Најчеста причина за слепило кај работно активно население
Оштетувања на нервите, поради што се јавува трнење, губење на чувство за болка
Најчеста причина за бубрежна слабост
Најчеста причина за нетрауматска ампутација на долни екстремитети
Чести инфекции на кожата
За лекување на дијабетесот многу е важен индивидуален пристап и соработка со пациентот, како и мултидисциплинарниот пристап (ендокринолог, нутриционист, интернист, невролог, офталмолог).
Лекувањето се состои во немедикаментозен третман (хигиено диететски режим кој треба индивидуално да се приспособи на секој пациент), соодветна едукација на пациентите за исхраната, како и воведување соодветна физичка активност според возраста и можностите на пациентот.
Медикаментозен третман кој кај дијабетес тип 2 често бара комбинација од неколку орални хипогликемиски лекови. Не треба да се заборави дека дијабетесот е прогресивна болест која често бара да се интензивира оралната терапија и воведување на повеќе лекарства и неретко и инсулинска терапија. Затоа се важни чести тримесечни контроли на пациентите кај матичните лекари и 6-месечни контроли во центрите за дијабетес.
Автор: специјалист интернист Алсада Весели Абази
ЈЗУ ОБ „Ферид Мурад“ - Гостивар