X
 21.03.2018 Живот

Проф. д-р Горан Јанев, антрополог: Урнисавме сѐ - остана работната сила која се третира како најевтиниот ресурс

Осакативме и осакатуваме генерации кои научија дека чесноста не е никаква основа за напредок и заработка. Треба да се ресетира целиот општествен систем со професионализација на администрацијата, создавање работни услови за развој на образованието и науката за знаењето да добие на цена, да се валоризира не само изразено преку плата, туку како најсуштествен општествен ресурс, вели проф. д-р Јанев

Македонските политички елити долго време си поигруваат со идентитетските сентименти на граѓаните доведувајќи ја под знак прашалник меѓуетничката комуникација. Парадоксално, но како општествена заедница сепак имаме доволно силен имунитет на радикалните изблици на национализам, па политичките манипулатори можат да си играат по не така тенок мраз. Иако играта е премногу опасна, ама ете досега не ескалирала надвор од нивната контрола, вели д-р Горан Јанев, професор по социјална антропологија на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје. Со проф. Јанев разговараме за политичките виори низ кои долго време се прпелка Македонија, за дереџето до кое се доведени граѓаните, за поделеното секојдневие во кое живееме, за минатото, за правецот во кој ја насочуваме иднината.

Македонија (подолго време) се наоѓа во длабока поделеност на граѓанството по неколку хоризонтали и вертикали – национална, партиска, верска, интелектуална, економска, социјална... Кои се основните причини што по нецели три децении самостојност граѓаните на Република Македонија живеат во вакво шаховско поле?
- Клучно за дезориентираноста е немањето план, визија за тоа какво општество сакаме. Немањето консензус за општите правци на движење на државата ја предизвикува оваа состојба на општ лошотилак, немање солидарност и подложност на политички манипулации. Во прашањето наведувате неколку основи за поделеност кои можеме да ги класифицираме како идентитетски и класни, со партиите како артикулатори на овие посебности. Кога во едно општество идентитетските прашања се силно нагласени и го доминираат јавниот дискурс, на штета на класните прашања кои се затскриени и замачкани, значи дека во сила се дезинтеграциски процеси. Македонските политички елити долго време си поигруваат со идентитетските сентименти на граѓаните доведувајќи ја под знак прашалник меѓуетничката комуникација. Веројатно, парадоксално, како општествена заедница сепак сме со доволно силен имунитет на радикалните изблици на национализам, па политичките манипулатори, сепак, можат да си играат по не така тенок мраз, иако играта е премногу опасна, ама ете досега не ескалирала надвор од нивната контрола.

Кои вредности од поранешниот систем не смеевме да си дозволиме да ги напуштиме, а нè доведоа до оваа состојба денес?
- Ние одамна ги имаме напуштено сите вредности од поранешниот систем. Ваква збирштина на егоисти, подготвени на подлост на штета на своите сограѓани за да приграбат лична корист, тешко може да се нарече заедница, во смисла на група која ги препознала своите интереси и се здружила за нивно остварување. Ние тоа го немаме. Погледнете го само сообраќајниот хаос. Со-обраќај, самиот збор ви кажува сè. За да не биде како што е кај нас, ви требаат совесни учесници, на кои совеста им налага пред сè да ги почитуваат другите и да го прифаќaат правото на предност на минување. Ние тоа го немаме. Нема почит едни кон други, само нам ни се брза. Економијата ја урнисавме и приватизиравме, здравството го уништивме и приватизиравме, образованието е на добар пат кон тоа, природните ресурси ни се распродадени, а работната сила се третира како најевтиниот ресурс. Последниот Устав на поранешната држава е научна фантастика за овие жители на независна Република Македонија и дури е навредливо основните политички категории од тој Устав, граѓаните и работниците, да се споредуваат со номиналните носители на тие поими денес.

Преговорите за името, црвени линии од македонска, од грчка страна... Од кои позиции е опасно да отстапиме?
- Една од основните линии на анализа на општествените и меѓународните односи е соодносот на сили. Од тој аспект Република Македонија историски, во континуитет е навјасана од помоќните играчи, соседни и подалечни и нејзината онемоќеност е веќе структурно вградена маана. Нашата црвена линија треба да биде несоработливоста со моќниците, туку разголувањето на тие позиции на моќ, присилувањето кое го трпиме и разголување на двојните стандарди и инсистирање на принципите на кои почиваат и меѓународното право и современата цивилизација. Сите што ловат конјуктура, објаснуваат опортунистички моменти и укажуваат на нашата обезмоќеност и оттаму резонираат дека ете, мораме да прифатиме некаков компромис и објаснуваат некаков реал политик, всушност не ги разбираат поимите достоинство и интегритет на чија основа се втмелува едно општество и меѓународната заедница.


Очигледно е дека граѓаните се збунети, постојано се споменуваат термините идентитет и јазик, не им е јасно дали воопшто ќе се менуваат официјалните називи „македонски јазик“, „Македонец/ка“. Од аспект на етнологија, на социјална антропологија, како би се одразила каква било промена во овие термини над Македонците како етникум?
- Социјалната антропологија одамна има расчистено со таканаречените примордијалистички теории за етницитетот како нешто вродено, наследно, пренесено и ги има објаснето овие процеси со инструменталистички и интеракциони теории. Ние сме она што другите околу нас не се, првенствено, а потоа сме она што сме ние и само ние, а другите не се. Е сега, тоа есенцијализирање на разликите и спецификите на Балканот малку потешко оди затоа што преплетеноста и порозноста на „етничките граници“ брзо ќе го разобличат секој обид за такви артифицелни конструкти како што се етницитетот и посебно нацијата, во националистичка и етнонационалистичка смисла. Македонците како етникум се и ќе бидат она и онакви какви што сакаат да бидат. Бидејќи не знаат какви сакаат да бидат, а знаат само кого не сакаат, имаат и проблем да се вообличат во нешто што би ги дефинирало конструктивно, а не деструктивно. Визијата за етникумот како изолат е губитничка и погубна. На нас и како заедница е на кои постулати ќе се градиме, како етникум: надетнички, граѓански, културно, светски или провинцијално.

Бурни реакции предизвика донесувањето на Законот за употреба на јазиците. Колку е спремна Република Македонија да се соочи со практична двојазичност, која ја предвидува овој закон?
- Овој закон ги уредува употребата, опсегот и начинот на употребата на јазикот на говорниците на албанскиот јазик. Правата беа договорени и утврдени веќе одамна, сега се дефинираат административните услови за имплементација на овие права. Ако македонскиот јазик како носител на една култура, политичка заедница, не содржи во себе привлечност и неопходност за употреба, не треба да се очекува дека тоа административно ќе се уреди и наметне. Потребата другите јазични заедници да општат на македонскиот јазик произлегува од пошироките општествени услови во кои тој ќе се наметне како практично решение, не како политички императив. Од друга страна, не треба да загрижува загрозеноста на македонскиот јазик со тоа што и некој друг јазик ќе може да се употребува за службени потреби. Она што загрижува е сегрегацијата предизвикана од погрешно разбраното практикување на јазичните и другите политички малцински права. Ние сме на добар пат да создадеме паралелно општество во Македонија. Во антропологијата ова е документирано како појава при распадот на класичниот колонијален систем и при формирањето на новите политички ентитети кои изникнуваат при распадот на колонијализмот по Втората светска војна. Со распадот на Југославија ние влеговме во еден таков процес во кој не успеавме да ги договориме заедничките темели за изградба на интегрирано општество. А тоа е затоа што не градиме праведно општество, затоа што ги обезвреднивме сите јавни интереси, добра, ресурси и цивилизациски ретериравме кон див капитализам.

Во сета оваа долгогодишна транзициска сага, каде се партиските неопределени интелектуалци, научниците кои работат со минимален буџет, квалитетниот млад кадар кој единствениот излез го гледа надвор од Балканот?
- Долгата деценија на вмроизација ни покажа дека таков еден систем не е можен без доброволна соработка на потчинетите. Клиентелизмот и партизацијата не можат тукутака да се инсталираат од горе, туку им е потребна солидна основа долу, меѓу популацијата. Клиентелистичките побарувања, бркањето врски, скокањето преку ред, молењето за услуги, сервилноста на „обичниот“ човек беа успешно препознаени и инструментализирани од ВМРО-ДПМНЕ, раководено од Никола Груевски, чии диктаторски апетити ќе останеа незадоволени доколку тој немаше спремни сервилни граѓани кои со блискоста до партијата си ги бркаа своите лични егоистични интереси, вработување, тендерче, зделка. Тоа ви е како пирамидална штедилница, навлекувате други пет, од нив барате да навлечат по други пет и најмногу ќаруваат оние што порано влегле во структурата. Кога ќе се рашири и растегне основата, немате веќе кого да измамите да влезе најдолу во пирамидата и таа се распадна. Сега истото му се случува на СДСМ. Неуморно се гради таа структура која го обликува врвот, подолниот ешалон, па подолните слоеви и граѓанството долу. Заслужните револуционери ги добија своите парчиња од тортата, па шетачите по протестите сега гледаат каде се тие во распределбата, па се редат редарите, лепачите на плакати, ситните агитатори, па се приклучуваат сончогледите, се менуваат книшките. Ни збор од меритократија, ни еден нормален канал на општествена мобилност не е отворен за природен проток на кадри и тоа неминовно води до емиграција. Притоа го губиме и интелектуалниот, општо земено и работниот потенцијал, води до демографска катастрофа, вештачко стареење на популацијата, неодржливост на пензискиот фонд, разбивање или грубо трансформирање на сродничкиот систем и односи со катастрофални последици за иднината на една земја, загуба на човечкиот потенцијал. Сè тоа поради себичноста и егоизмот изнудени во битката за опстанок, и во тој магичен круг полека се губиме.

Се случија големи промени во нашето општество во последната година. Многумина очекуваа многу, сè почесто го слушам ставот дека тука уште долго време нема ништо да се смени, дека Македонија нема капацитет, нема изграден кадар да донесе сериозни промени... Каде го гледате македонското општество за 20 години?
- Ако не се започне со сериозно инвестирање во образовниот процес, сериозно, сериозно инвестирање во квалитетот на образованието, подготовката на стручни кадри, умни луѓе кои ќе можат професионално да се реализираат, да бидат иновативни и креативни, ослободени да го развиваат претприемаштвото, но не базирано на капиталистичка алчност, туку водено од општествена одговорност, Македонија нема иднина. Осакативме и осакатуваме генерации кои научија дека чесноста не е никаква основа за напредок и заработка. Треба да се ресетира целиот општествен систем со професионализација на администрацијата, создавање работни услови за развој на образованието и науката за знаењето да добие на цена, да се валоризира не само изразено преку плата, туку како најсуштествен општествен ресурс. Без добри агрономи ние нема да развиеме земјоделство, без соодветна ветеринарска и стручна грижа нема да развиеме сточарство, без добар енолог не можете да направите добро вино. Да не зборуваме за пробив во современите технологии. Ништо не е можно без сериозно опремено и вреднувано образование. На ова се надоврзуваат дузина други клучни фактори, но без солидно образование никогаш ништо нема да се смени на подобро. Конечно, мораме да се запрашаме што значат поимите „заедница“ и „општество“? Социјализмот, кој ноншалантно го отфрливме, сериозно се занимаваше со овие прашања. Од која сакате перспектива, но мора да се навратиме на овие клучни поими, без да ни стане тоа јасно, нема никаде да стигнеме и никој никаде не може да нè однесе, донесе, вклучи, земе или прими.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот