X
 21.03.2020 Економија

Бизнис-заедницата бара пошироки мерки за помош на компаниите

Најавите за затворање на капацитети стигнуваат секојдневно, а компаниите алармираат дека ќе немаат за исплата на плати на работниците

Да се дополнат и прошират економските мерки за справување со ударот предизвикан од ширењето на коронавирусот, бара домашната бизнис заедница. Компаниите, преку Стопанските комори веќе ги претставиле своите барања откако Владата го објави првиот пакет мерки. 
Меѓу најзасегнатите сектори се туризмот, угостителството и транспортот, но не се поштедени ниту другите дејности. Најавите за затворање на капацитети стигнуваат секојдневно, а компаниите алармираат дека ќе немаат за исплата на плати на работниците. Туристичките агенции, кои настрадаа меѓу првите од ударот на коронавирусот, бараат да се прифати ваучер системот, додека, пак, угостителите кои ги затворија рестораните и сместувачките капацитети е извесно дека додека трае кризата нема да плаќаат авторски права кон ЗАМП. 

Транспортерите, пак бараат и итен поврат на ДДВ.

Во Стопанската комора на Македонија велат дека во тек е интензивна комуникација со Владата преку која е директно и прецизно укажано кои се барањата за дополнување и проширување на мерките од првиот пакет.
- Постои разбирање и расположение за она што го укажуваме и очекуваме позитивна реакција со новиот пакет мерки кој е најавен. Предложивме дополнувања и надградувања на мерките по сектори. Веќе е договорено угостителите да не плаќаат трошок за авторски права кон ЗАМП во периодот додека се затворени објектите. Се очекува да се прифати и ваучер системот за туристичките агенции, со кој за сите уплати кои се направени, а не се реализирани заради настанатата состојба со вирусот, патниците да добијат ваучери кои ќе можат да ги искористат до крајот на 2021 година - вели Даниела Михајловска-Василевска од Стопанската комора на Македонија. 

Да се смогнат сили и веднаш да се исплатат побарувањата по однос на поврат на ДДВ на транспортните компании, е конкретното барање од здружението „Макамтранс“.
- Влезот на свежи пари е најургентната мерка која најмногу ќе им помогне на овие компании да ја одржат тековната ликвидност и да се соочат со ситуацијата која ја предизвика ширењето на коронавирусот и затворањето на границите низ регионот и пошироко- смета Билјана Муратовска, претседател на здружението на транспортери „Макамтранс“. 

Ослободувањето од придонесите, за да можат транспортните компании да исплатат само нето плати е за поздравување, но се бара и репрограмирање или пролонгирање на кредитните обврски и намалување на каматните стапки додека трае кризата. Муратовска смета економските мерки се добродојдени и многу ќе помогнат, но уште повеќе ќе им помогне доколку им се дозволи да работат. Таа смета дека синџирот на копнен транспорт на стоки не смее да запре, а земјите мора заеднички да работат на изнаоѓање на начини и коридори тој безбедно да продолжи и во новонастанатите услови.

- Возачите многу ризикуваат во извршувањето на нашата дејност, но сметаме дека е поголем ризикот тие да бидат заглавени на границите со денови. За влез во Унгарија има колона од 95 километри и се дозволува возачите да се групираат, а од друга страна препорака е да се спречи концентрација на многу луѓе на едно место. Од друга страна, пак, има и возила кои веќе се натоварени со стока, која доколку не се испорача ќе се расипе, а штетата за транспортерите ќе биде огромна - посочува Муратовска.

Сите локали се затворени

Таа вели дека барањата се веќе испратени до Владата и очекуваат заедно со другите земји меѓу себе да се договорат да направат коридори за патниот транспорт, да се посочат траси по кои ќе смеат да се движат и гранични премини кои ќе бидат отворени само за транспорт на стока. 


Владата со првиот пакет мерки предвиде директна финансиска поддршка на ликвидноста кај микро, малите и средните компании од страна на Развојната банка на Македонија, преку кредитни линии од три до 30.000 евра . Кредитите се бескаматни, со каматна стапка од нула проценти со грејс период од 6 месеци и рок на отплата од 2 години. Во овој пакет беа предвидени и мерки за најзагрозените сектори по првиот удар од ширењето на вирусот, туризам, транспорт, угостителство кои ќе добијат помош во исплатата на плати со субвенционирање на придонесите за вработените за април, мај и јуни.
Владата ќе субвенционира придонеси по вработен во висина до 50 отсто од просечна плата исплатена во 2019 година, под услов компанијата да не го намали бројот на вработените и да не исплати дивиденда во текот на годинава. Првиот човек на владеачката партија, Зоран Заев најави нов голем пакет на нови економски мерки, што ќе помогнат да се задржат вработените и да се одржат фирмите. Министерот за економија Крешник Бектеши ги повика бизнисмените да не ги отпуштаат работниците бидејќи се подготвува нов сет на економски мерки на Владата кои ќе им помогнат да ги задржат вработените и да ја одржат ликвидноста.
Подготвил: Сања Наумовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија