X
 03.02.2021 Наша тема

Кога ќе стигнат вакцините: Ќе можеме ли да одбираме со која ќе се вакцинираме?

Граѓаните очекуваат дека ќе имаат можност за избор на вакцина, ако се набават од повеќе производители. Министерот Филипче вели дека тоа ќе зависи од динамиката на пристигнување на вакцините

Пред македонските граѓани, покрај прашањето дали би се одлучиле да примат вакцина против Ковид-19, е исправена и дилемата дали ќе можат да изберат вакцина од конкретен производител со која би биле вакцинирани. Нејасно е дали при процесот на имунизација ќе можат самите да одбираат која вакцина ќе ја примат, а не името на вакцината да го дознаат тогаш.

Иако Македонија сè уште ја нема почнато вакцинацијата на граѓаните против коронавирусот, како и голем дел од европските држави, сепак, граѓаните очекуваат да имаат можност за избор на вакцина кога ќе дојде нивниот ред за заштита од Ковид-19. Особено со оглед на тоа што властите засега најавуваат можност за вакцина од најмалку двајца производители.

Има најави дека до крајот на неделава ќе се дознаат деталите околу договорот за вакцини со „Синофарм“ од Кина. Во завршна фаза се разговорите за тоа кога ќе стигнат овие 200.000 вакцини, кој ќе ги увезе и по која цена ќе ги платат здравствените власти. Вчера министерот за здравство Венко Филипче рече дека КОВАКС-механизмот, преку допис, информирал дека првата вакцина што преку овој механизам ќе пристигне во нашата земја е на „Астра зеника“. Испораката на 35% од предвидените 175.200 дози од оваа вакцина ќе се реализира во март, а остатокот до средината на годината. Системот за вакцинација е подготвен да ги прими количините на вакцините преку КОВАКС-механизмот, но истовремено обезбедува вакцини и од други производители и преку други механизми.
Извесни се и 8.000 вакцини на „Фајзер“од Србија, но не се знае кога ќе стигнат. 

Многу дилеми

Во меѓувреме, граѓаните на социјалните мрежи постојано разменуваат информации околу процесот на вакцинација во другите земји. Споделуваат и искуства од нивни роднини и пријатели кои веќе се дел од вакцинацијата во други држави. Но, едно од најчестите прашања е дали тие ќе имаат можност да одбираат со која вакцина против Ковид-19 ќе се вакцинираат?
Дали здравствените власти ќе им овозможат на граѓаните, доколку во земјата пристигнат вакцини од различни производители, сами да одбираат која да ја примат? Дали тоа воопшто ќе биде возможно?



Изборот ќе зависи од изборот на вакцини

Од Министерството за здравство не одговараат прецизно на прашањето дали, откако ќе отпочне процесот на имунизација во земјава, граѓаните ќе можат да одбираат вакцина од одреден производител со која ќе бидат вакцинирани. Единствено што посочуваат е дека за вакцинација и ревакцинација, вакцината мора да биде од ист производител.

- Сите вакцини против Ковид-19 што ги набавува нашата држава се направени на проверени и безбедни платформи. Вакцините ги имаат потребните дозволи од нивните национални регулаторни тела, а некои од производителите се регистрирани и од европската агенција за лекови ЕМА и американската ФДА. Имунизацијата во земјава ќе почне во фази, на почетокот нема да биде масовна вакцинација бидејќи првично испораката на вакцини ќе се одвива сукцесивно. Како што ќе стигнуваат вакцини, така ќе се врши имунизација по фази на групи граѓани со приоритет - објаснуваат од ресорното министерство.

На прашањето дали граѓаните ќе можат да одбираат вакцина, Венко Филипче кусо одговара дека тоа ќе зависи од динамиката со која ќе пристигнуваат вакцините од различни производители во земјата.

План во три фази


Во својата последна изјава Филипче посочи дека според Национален план за имунизација на населението, вакцинацијата ќе се спроведува во три фази. Во првата фаза предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови, со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување инфекција.

- Веќе ги имаме здравствените работници, со име и презиме, што ќе примаат вакцини во Клиничкиот центар во еден пункт, а во другите градови - во здравствените домови таму каде што се аплицираат вакцините. Во однос на другите граѓани, согласно возраста и хроничните болести, веќе е направен списокот со име и презиме на 14.000 луѓе, кои ќе бидат повикувани само преку матичните лекари, а не преку системот „Мој термин“ - изјави Филипче.

Во втората фаза, предвидено е да се вакцинираат постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смртен исход кои не се опфатени во првата фаза, лица на возраст од 65 години и постари.

Во третата фаза опфатени се приоритетните групи, како други есенцијални работни места за нормално функционирање на општеството, вработени во образование (основно, средно и високо), социјалните групи со зголемен ризик од стекнување и пренесување инфекција затоа што не се во состојба да одржуваат физичка дистанца, здравствените работници со низок ризик да стекнат и пренесат инфекција и здравите лица на возраст од 30 до 64 години.
Министерот нагласи дека последната препорака е дури и граѓаните што биле заболени, без разлика дали имаат или немаат антитела, да се вакцинираат по еден месец.

Во светот веќе милиони граѓани имаат примено по една доза од вакцината против Ковид-19.
Сè почести во јавноста се критиките дека предолго чекаме за вакцинација, а од земјите на Балканот, заедно со Македонија, вакцини чекаат Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема